Ново истражување: Мирисот на човечкиот стрес може да влијае на кучињата, па тие прават попесимистички избори

Точка

24/07/2024

18:22

10.196

Големина на фонт

а а а

Новото истражување на Универзитетот во Бристол е прво што испитува како мирисот на човечкиот стрес влијае на учењето и емоционалната состојба на кучињата.

Доказите кај луѓето сугерираат дека мирисот на личност под стрес потсвесно влијае на емоциите и изборот на луѓето околу нив.

Истражувачите од ветеринарниот колеџ во Бристол користеле тест за „оптимизам“ или „песимизам“ кај животните, врз основа на наодите дека оптимистичките или песимистичките избори кај луѓето укажуваат на позитивни или негативни емоции, пишува „Фис.орг“.


Биле регрутирани 18 сопственици и кучиња за да учествуваат во серија испитувања со различни човечки мириси. За време на овие тестови, кучињата биле обучени дека садот содржи грицки кога се става на едно место, но дека е празен ако е на друго место. Кучињата побрзо се приближиле до локацијата со грицките. Потоа било тестирано колку брзо се приближуваат до новата, неизвесна локација на садот, помеѓу двата оригинални.

Брзиот пристап рефлектирал оптимизам во однос на присуството на храна на нова локација – знак на позитивна емоционална состојба, додека бавниот пристап укажувал на песимизам и негативни емоции. Тестовите биле или без мирис или со мирис на пот и примероци од здив на луѓе во стресна или опуштена состојба.


Истражувачите откриле дека поради мирисот на стрес, кучињата побавно се приближуваат до нова локација на садот отколку до најблиската локација за празен сад. Овој ефект не е забележан во случај на мирис на опуштен човек.

Овие наоди покажуваат дека мирисот на стрес можеби ги засилува очекувањата на кучињата дека нема храна на новата локација, како во случајот на блиска локација со празен сад.

Песимистичката реакција одразува негативна емоционална состојба и може да биде начин кучето да заштеди енергија и да избегне разочарување. Исто така, било откриено дека кучињата продолжиле да го подобруваат своето знаење за присуството или отсуството на храна на двете познати локации и дека побрзо напредувале кога бил присутен мирисот на стрес.


Разбирањето, како човечкиот стрес влијае на однесувањето на кучето е важен фактор во обуката на кучињата. Сопствениците на кучиња знаат дека нивните миленици се во склад со нивните емоции, но сега се покажува дека дури и мирисот на непознат човек под стрес влијае на емоционалната состојба на кучето, перцепцијата на наградата и способноста за учење. Стресот не оди само преку поводник, туку и низ воздухот.




Спонзорирани линкови

Маркетинг