На неодамна одржаниот настан на компанијата "Tesla", кој требаше да биде посветен на новото роботакси, присутните имаа можност да видат уште нешто необично – хуманоидните роботи "Optimus" кои шетаа низ сцената и учествуваа во презентацијата.
Роботите беа дел од поширокиот спектакл, вклучувајќи го и откривањето на новoто роботакси "Tesla". Она што го привлече вниманието на многумина е видеото од "Optimus" како извршува секојдневни задачи како што се носење пакети или полевање растенија.
Илон Маск, основачот и извршен директор на "Tesla", изјави дека овие роботи ќе бидат присутни насекаде околу нас во иднина. „Ќе можете да одите до роботот и тој ќе ве послужи со пијалак“, рече Маск со насмевка. Тој додаде дека "Optimus" ќе може да извршува широк спектар на задачи, како што се шетање на кучето, чување деца, косење трева, па дури и послужување пијалаци.
Optimus just made me a drink pic.twitter.com/Pn9hfhrFDi
— Whole Mars Catalog (@WholeMarsBlog) October 11, 2024
Цената на овој робот долгорочно ќе се движи во опсег од 20.000 до 30.000 долари.
Маск верува дека "Optimus" е најголемиот производ некогаш развиен и може драстично да го промени светот. За време на преносот во живо, гостите имаа можност да ги видат роботите во интеракција со посетителите, но главно се работеше за едноставни дејства како мавтање и држење чаша со мраз. Во еден момент, еден од роботите им делеше мали подароци на гостите и играше лист, камен, ножички. Маск претходно вети дека овие роботи ќе можат да извршуваат корисни задачи до крајот на годината, а веќе следната година ќе бидат достапни за купување.
Визијата на Маск за роботот "Optimus" е амбициозна. Тој предвидува дека роботиката фундаментално ќе ја трансформира цивилизацијата, истакнувајќи дека "Optimus" ќе придонесе за драстично зголемување на економското производство. Долгорочно, Маск тврди дека роботот ќе биде масовно произведен и дека ќе бидат направени милиони единици, по цена од околу 20.000 долари. Тој исто така наведува дека овој робот може да овозможи свет без сиромаштија.
A conversation between Tesla Optimus bot and a human is the best thing you’ll see on the internet today.
— DogeDesigner (@cb_doge) October 11, 2024
pic.twitter.com/2M9UJPTTLX
"Tesla" првпат го претстави "Project Optimus" во 2021 година, но тогаш тоа повеќе изгледаше како забавна ПР кампања, со човек во костим на робот кој изведува танц на сцената. Сепак, веќе во 2022 година, компанијата покажа прототип кој, иако рудиментиран, успеа да оди. Оваа технологија има уште многу да помине пред целосно да се усоврши, но Маск верува дека "Optimus" е клучот за иднината.
Во последните неколку години, "Tesla" е сè повеќе во фокусот кога се во прашање напредните технологии, а роботот "Optimus" може да стане еден од клучните производи на компанијата доколку ги исполни ветувањата што ги дава Маск.