Новата варијанта на коронавирусот, позната како FLiRT, предизвика бран на инфекции во Холандија и покрај летните горештини. Професорот по вирологија на Медицинскиот центар на Универзитетот Еразмус во Ротердам, Марион Копманс, истакна дека најточниот показател за степенот на ширење на вирусот е неговата количина во отпадните води.
„Така, бројот на честички на вирусот во отпадните води е 14 пати поголем отколку во истиот период во 2023 година, па дури и во 2021 година, кога беше широко распространет друг вид на коронавирус – Делта“, додаде таа, пренесува „NL Times“.
Како што наведува, сегашниот бран на болеста е неспоредлив со претходниот, истакнувајќи дека нема причина за паника.
„Коронавирусот сега предизвикува сериозни последици многу поретко отколку порано. На пример, бројот на хоспитализирани речиси и да не се зголемува во моментот, и покрај зголемениот број случаи на инфекција“, рече Копманс, додавајќи дека кашлица, затнат нос, главоболка и болки во мускулите се меѓу главните симптоми.
Резултатите од истражувањето „InfectieRadar“, кое било спроведено од Националниот институт за здравје на Холандија (RIVM) од 8 до 14 јули меѓу 10.300 Холанѓани, откриле коронавирус кај 1,3 отсто од учесниците.
Националниот институт за здравје на Холандија (RIVM) неодамна објави дека инциденцата на респираторни инфекции, вклучително и коронавирусот, се зголемува во Холандија во последните недели.
Според официјалните податоци, просечниот број на патогени честички во отпадните води се искачи на 941 на 100.000 луѓе, во споредба со 786 една недела порано. Институтот потсети дека новата фаза на вакцинација на населението во Холандија ќе започне на 16 септември.
Против инфекцијата со коронавирус може да се вакцинираат и жителите на земјата над 18 години кои добиле покана да се вакцинираат против грип.
FLiRT е група на подваријанти на вирусот Омикрон, кои се доволно различни за да го заобиколат имунитетот. Официјално, подваријантите се нарекуваат „KP. 2, JN. 1.7“, но научниците ја нарекоа групата како целина варијанта FLiRT.