Цените на електричните автомобили се изедначуваат со бензинците

Точка

17/07/2024

07:50

12.142

Големина на фонт

а а а

Тоа што се најавуваше во последните години се случува, но побрзо од претходните проценки.

Имено, цените на батериите за електричните автомобили забрзано паѓаат, што ги намалува и цените на електричните автомобили. Фактори кои придонесуваат за падот на цените на батериите од 51 отсто се падот на цените на суровините како што е литиумот, но и намалената побарувачка за електрични автомобили.

Резултатот веќе се чувствува во Кина – електричните автомобили сега се по цена иста или пониска од бензинските автомобили, а значителното намалување на цените на електричните автомобили, исто така, се пробива до европскиот континент.


Имено, многу поевтини електрични автомобили ќе се појават на пазарот во 2025 и 2026 година.

Глобалната побарувачка за литиум-јонски батерии неодамна беше проценета на околу 950 гигават часови во 2023 година, додека глобалниот производствен капацитет, главно во Кина, е двојно поголем.

Напорите на Западот да се развие капацитет за производство на батерии што ќе одговара на кинескиот само ќе го влоши проблемот со прекумерниот капацитет, предвидуваат аналитичарите.


Ова е добра вест за потрошувачите, според "BloombergNEF", кој пресметува дека пониските цени ќе се одразат на поевтините модели на електрични автомобили, чие производство е планирано во следните неколку години.

Иако вообичаено се смета дека пониските цени за електричните возила ја поттикнуваат побарувачката и затоа доведуваат до закрепнување на глобалните цени на батериите, анализата на "Bloomberg" сугерира дека има и други фактори кои укажуваат на пониски цени за некое време.


Најважно, сметаат тие, е фактот што кинеските компании и другите производители продолжуваат да инвестираат многу во истражување и развој, автоматизирано производство и нови фабрики.

"BloombergNEF" затоа очекува ниските цени да се задржат барем во следните неколку години.