[ВИДЕО] Со моќен говор Бајден го отвори Самитот на НАТО, порача дека ќе ја брани Украина против Путин со сите сили

Точка

10/07/2024

12:30

2.160

Големина на фонт

а а а

Ројтерс пренесува дека шефот на Белата куќа ова го изјавил на синоќешното отворање на тридневниот Самит на НАТО.

Американскиот претседател Џо Бајден вети дека ќе ја брани Украина со сите сили од руската инвазија.

Британската агенција оценува дека Бајден го користи својот настап на глобалната сцена на собирот по повод 75-годишнината од Алијансата за да им покаже на сојузниците и во САД и во странство дека сепак може да биде лидер.



Во претходните 12 дена, 81-годишниот Бајден беше изложен на прашања поврзани со неговата способност да остане на власт по ноемвриските претседателски избори, за кои се уште е кандидат на Демократската партија.


Некои од неговите сопартијци меѓу конгресмените на Капитол Хил и дел од демократските донатори стравуваат дека тој ќе ја загуби изборната трка од републиканскиот кандидат и поранешен претседател на САД, откако „киксна “ на ТВ дебатата на 27 јуни во која негов ривал беше Доналд Трамп.

АП пренесува дека Бајден им посакал добредојде на претставниците на земјите-членки на НАТО на самитот во главниот град на САД и дека неговиот говор се фокусирал на поддршката за Украина.

Американската агенција наведува дека овој говор будно го следеле сојузниците во земјата и странство за да видат дека американскиот претседател сепак може да ги води САД и НАТО.


Бајден, користејќи телепромотер, им рече на лидерите на алијансата дека „НАТО е помоќна од кога било“ на својата 75-годишнина, истакнувајќи дека алијансата се проширила на 32 земји-членки за време на неговиот мандат.

- Задоволство е да ви бидеме домаќини во оваа значајна година, да гледаме наназад со гордост на сето она што го постигнавме и со сила и одлучност да ја гледаме нашата заедничка иднина. Денес НАТО е помоќна од кога било. Овој момент во историјата бара наша колективна сила – рече Бајден.

Тој ја нагласи решеноста на НАТО да и помогне на Украина да се одбрани од руската инвазија.

- (Рускиот претседател) Владимир Путин не сака ништо помалку од целосно потчинување на Украина и да ја избрише Украина од картата. Украина може и ќе го запре Путин – рече американскиот претседател и додаде дека Русија нема да победи, туку Украина.


Во говорот кој траеше 13 минути, Бајден не се осврна на домашната политичка драма околу неговата изборна кампања, а забележлив беше неговиот продорен поглед и остар тон, што значително се разликуваше од неизвесното обраќање за време на дебатата со Трамп.

Белата куќа се надева дека говорот може да го промени бранот на шпекулации од оние кои внимателно го набљудуваат Бајден за какви било вербални пропусти или знаци дека тој станал збунет на јавната сцена.

Лидерите на НАТО се собраа на самитот во Вашингтон, во време кога Алијансата никогаш не била побројна, но големи се и предизвиците со кои се соочува.


Покрај војната во Украина, тука е и Кина, која НАТО ја смета за се поагресивна, како и војната меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа, а некои членки ја доведуваат во прашање нивната посветеност на Алијансата.

Бајден му додели на Столтенберг Претседателскиот медал на слободата

На отворањето на самитот во Вашингтон, Бајден му додели Претседателски медал на слободата на Јенс Столтенберг, генералниот секретар на НАТО во заминување, кој во октомври на таа позиција ќе биде заменет од актуелниот холандски премиер Марк Руте.


АП пренесува дека Бајден го нарекол Столтенберг, кој помина десет години на оваа позиција со четири продолженија на неговиот мандат, „вистински професионалец“.




Спонзорирани линкови

Маркетинг