СЗО: „Правот на кој секојдневно е изложен поголемиот дел од населението веројатно е канцероген“

Точка

09/07/2024

21:07

17.846

Големина на фонт

а а а

Меѓународната агенција за рак и истражување (ИАРЦ) при Светската здравствена организација (СЗО) го класифицираше талкот како „веројатно канцероген“ за луѓето, пренесува „Саенс алерт“ (Science Alert).

Талк или талциум е природен минерал којшто се ископува во многу делови од светот, а потоа се користи како состојка во бебешката пудра или во некои видови козметика.

„Одлуката на СЗО е заснована на ограничени докази дека талкот може да предизвика рак на јајчниците кај жените, доволно докази дека е поврзан со рак кај стаорци и силни механички докази дека покажува канцерогени знаци во човековите клетки“, соопшти ИАРЦ.

Сепак, најважната изложеност на талк се случува при ископувањата на минералот, преработката или во фабричката изработка на производите.

Што е талк?

Треба да се запомни дека талкот е природен минерал кој се состои од магнезиум, силициум, калциум и кислород, а се карактеризира со благ земјен мирис. Не се раствора во вода, алкохоли или масла, што му дава посебни карактеристики и широка примена во козметиката.


Агенцијата додава дека постојат и бројни други истражувања коишто покажуваат зголемување на стапката на рак на јајчниците кај жените кои користат талк во прав, особено во пределот на гениталиите. Но, ИАРЦ нагласува дека не може да се исклучи дека талкот во некои проучувања бил контаминиран со азбест, што исто така, предизвикува рак.

„Причинската улога на талкот не може целосно да се утврди“, според наодите објавени во „Лансет онколоџи“ (The Lancet Oncology).

Треба да се има на ум дека студиите биле набљудувачки и затоа не можат да ја докажат причинско-последичната поврзаност.

Мислење на независни експерти

Кевин Меконвеј, статистичар од британскиот Отворен универзитет, кој не бил вклучен во истражувањето, предупредил дека во случајот на процената на ИАРЦ, „најочигледното толкување е всушност погрешно“.

„Целта на Агенцијата е да одговори на прашањето дали некоја супстанција има потенцијал да предизвика рак под услови кои не се специфицирани или специфицирани од ИАРЦ. Со оглед на тоа што спроведените студии беа набљудувачки, поради што не можеа да докажат причинско-последична врска, презентираните податоци не треба да се сфатат како нешто што може да послужи како дефинитивен доказ“, изјавил Мекконвеј.

Најавата доаѓа само неколку недели откако американскиот фармацевтски и козметички гигант „Џонсон и Џонсон“ се согласи да плати 700 милиони долари за да ги реши обвинувањата дека ги доведувал корисниците во заблуда околу безбедноста на производите со талк во прав. „Џонсон и Џонсон“ не призна дека прописите се прекршени, иако ги повлече своите производи од северноамериканскиот пазар во 2020 година.

Според резимето на студијата објавено во 2020 година, а студиите опфатиле 250.000 жени од Соединетите Држави, не е пронајдена статистичка врска помеѓу употребата на талк на гениталиите на жените и ризикот од развој на рак на јајниците.


Уште едно соединение додадено на листата „канцерогени“

ИАРЦ, исто така, го класифицира акрилонитрилот – хемиско соединение што се користи за производство на текстилни полимери, како канцероген за луѓето, со највисоко ниво на предупредување. Полимерите направени од акрилонитрил се користат во широка палета производи – од конците во облеката до теписи, пластика и други производи за широка потрошувачка.




Спонзорирани линкови

Маркетинг