АСОМ: Очекуваме конструктивна соработка со новата Влада за Законот за игри на среќата

Макфакс

02/07/2024

13:18

263

Големина на фонт

а а а

„По вчерашната изјава на премиерот Христијан Мицкоски, со која тој најави ревидирање на игрите на среќа, ние од Асоцијацијата на спортските обложувачници на Македонија (АСОМ) сакаме да го поздравиме пристапот на новата Влада и воедно порачуваме дека сите членки на АСОМ се легитимни претставници на индустријата, кои во ниеден момент не смее да бидат исклучени од процесот на одлучување или менување на Законот за игри на среќата“, велат од Асоцијацијата.

Додаваат дека како приредувачи на игри на среќа секогаш дејствуваат конструктивно, со низа аргументи и предлози за унапредување на сите аспекти од работењето на индустријата.

„Затоа очекуваме и конструктивна соработка со новата влада, која ќе биде во интерес на сите фактори.

Како што најави и премиерот Мицкоски, потребно е целосно преиспитување и ревидирање на досегашниот пристап, со цел да се дојде до сеопфатно законско решение, кое ќе биде поправедно како за граѓаните така и за приредувачите на игри на среќа, но и за нивните вработени“, се истакнува во соопштението.

Порачуваат да не се направи истата грешка како претходно и легитимните претставници на индустријата на игри на среќа, кои сочинуваат 95 % од лиценцираните компании во државата, да бидат целосно вклучени од процесот на ревидирање.

Повикуваат на конструктивна соработка со новата влада во интерес на граѓаните, но, како што велат, и на нивните вработени и потсетуваат дека од оваа гранка живеат повеќе од 10.000 вработени, а над 54.000 индиректно го остваруваат својот приход од игрите на среќа.

„Индустријата за игри на среќа е сериозна стопанска гранка од која во буџетската каса по сите основи се слеваат повеќе од 280 милиони евра и затоа заедно со новата Влада треба да работиме партнерски за да се превенира злоупотребата на игрите на среќа и да се изнајде европско решение и квалитетен закон, со кој ќе се постигнат низа позитивни промени и ќе се унапреди индустријата“, посочуваат од Асоцијацијата.



Спонзорирани линкови

Маркетинг