Зошто Германците се плашат од Марин Ле Пен? Победата на француската ултрадесница на парламентарните избори е вовед во главното

Точка

01/07/2024

22:21

4.944

Големина на фонт

а а а

На француските ултрадесничари им се смешка победа на парламентарните избори, а иако Марин Ле Пен како водечка личност на Националниот собир со години е во мисија на „перење“ на партијата, експертите мислат дека со доаѓањето на власт на неа и нејзиниот пулен Жордан Бардела ќе се затегнат односите на Париз и Берлин како осовина на Европската унија.

„Deutsche Welle“ пренесува дека во летното интервју за Првиот канал на германската телевизија (ARD) германскиот канцелар Олаф Шолц рекол дека е загрижен поради изборите во Франција.

Тој тогаш порачал дека се надева дека партиите кои не ги предводи Марин Ле Пен ќе бидат успешни, во момент кога анкетите веќе предвидувале дека Националниот собир може да стане најмоќна партија во земјата.

Првиот круг на гласањето е одржан вчера, а вториот круг ќе се одржи за седум дена.


Макрон предупредува на можна граѓанска војна

Францускиот претседател Емануел Макрон по тешкиот пораз на својата партија Ренесанса на изборите за Европскиот парламент на почетокот на јуни распишал вонредни избори, а неговите приврзаници во земјата и странство сега се плашат дека распишувањето на изборите било грешка и дека ќе продолжи подемот на Националниот собир.

Макрон секако мисли да остане претседател на државата, и ја исклучил опцијата за поднесување на оставка, бидејќи во Франција претседателот на посебни избори го избираат граѓаните. Но, неговиот маневарски простор во иднина ќе биде многу помал.

Би можело да се случи да мора да соработува со претседателот на Националниот собир Жордан Бардела ако тој стане нов премиер.

Ако екстремната левица и десница имаат слична моќ, парламентот би можел да биде блокиран. Макрон поради екстремната поларизација дури и предупредил на можност од граѓанска војна.


Голем потенцијал за судири со Берлин

А германско-француските односи: Бардела пред изборите рекол дека тој како премиер ништо не би променил во односите кон Берлин.

Ронја Кемпин, експерт за Франција во берлинската Фондација за наука и политика, смета дека таквите изјави имаат цел да ја смират ситуацијата. Националниот собир досега се изјаснувал многу критички кон Германија, повремено дури и нетрпеливо, му префрлале на Макрон дека француските интереси и ги продал на Германија и најавиле дека тоа ќе го поправат кога ќе дојдат на власт.

Бардела, вели, веројатно би го задржал проектот за француско-германски тенк и авион, иако предизборната програма на неговата партија предвидувала укинување на тој проект, за во текот на кампањата тој дел да биде избришан од сајтот.

Директорот на Германско-францускиот институт во Лудвигсбург, Марк Рингел, смета дека победата на десничарската опција во Франција би донела проблеми за билатералните односи.

За германската влада би се поставиле практично прашање: Кое ќе биде лицето за контакт, кога нема контакт со Националниот собир: А потоа, секако, и прашањето дали француската влада ќе се држи до билатералните договори? Политички тоа би донело несигурност.

Потенцијален конфликт со Берлин е запишан во некои точки на предизборната програма на Националниот собир – намалување на придонесот на Франција во буџетот на ЕУ, истапување од заедничкиот пазар за електрична енергија, раскин на договорите за миграција или ограничување на слободата за патување на лица кои не се државјани на ЕУ.

Секако, прашање е дали таквите планови може навистина да се спроведат. И француската помош за Украина би можела да биде намалена.


„Противпожарниот ѕид“ во Франција падна

Што е причината за подемот на оваа партија? Марк Рингел наведува меѓу другото, и општата фрустрација на населението поради политиката и се поголемото чувство на занемареност, а тоа чувство Националниот собир знаел да го искористи.

Покрај темата миграција и внатрешната безбедност, оваа партија се повеќе се врти и кон економските и социјални теми. Така партијата ветила намалување на данокот на дополнителна вредност од 20 на 5,5 проценти.

Марин Ле Пен со години работи на тоа да ја „испере“ својата партија. Нејзиниот татко Жан-Мари Ле понекогаш го релативизирал Холокаустот и така ја изолирал партијата од пошироките гласачки маси. Марин Ле Пен го исфрли од партијата.

Националниот собир се претставува како политичка сила подготвена на компромиси. „Противпожарниот ѕид“, со кој демохристијаните во Германија ја изолирале Алтератива за Германија, одбивајќи ги контактите и соработката со нив, во Франција повеќе не постои.

Од 2022-ра година тоа е најголемата опозициска партија во францускиот парламент. Блокот на претседателот донесе низа закони со поддршка за Националниот собир. Пример за тоа е законот кој ги заострува правилата за вселување во земјата.

„Во Францускиот Национален Собир се настапува многу повоздржано отколку Алтернатива во Германија“, вели Роња Кемпин. „Националниот собир целосно го отфрла етничкиот национализам“.

Марин Ле Пен се дистанцирала од Алтернатива за Германија и ја одбива секаков облик за соработка со неа во Европскиот парламент.


Целта на Националниот собир е Ле Пен да стане претседателка на државата

Шефот на партијата Жордан Бардела го гледа местото премиер само како етапна цел на својата партија. На претседателските избори во 2027-ма година, на кои Макрон нема да може да се кандидира, би требало повторно да се кандидира Ле Пен и конечно да победи.

Ронја Кампин смета дека во тој случај навистина би имале многу поинаква Европа. МАрин Ле Пен научила многу од претходните порази, па одамна не ја застапува политиката за напуштање на ЕУ или укинување на еврото.

Марк Рингел смета дека Ле Пен, слично како и Џорџа Мелони во Италија би останала во ЕУ, во обид да ја промени од внатре, да ја поткопа и да ја преуреди по свои желби.

По француските парламентарни избори, германската влада би можела да биде соочена со непријатно прашање. И левичарите и десничарите во случај на победа најавуваат поголеми државни издвојувања.

„Франција финансиски веќе е прилепена до ѕидот, има екстремно големо задолжување, а финансиските пазари веќе се веќе нервозни“, вели Кемпин и додава дека на Европа може да ѝ се закани криза на државни долгови како пред 15 години.

Таа вели дека тоа Германија би ја соочило со непријатно прашање: „Дали да се впуштиме во тоа, повторно да размислиме за гарантирање на долговите во ЕУ?“

Германската влада засега не се изјаснува за своите планови.




Спонзорирани линкови

Маркетинг