Позната причината за смртта на Шифти Шелшок, пејачот на еден од најголемите хитови на 2000-те

Точка

28/06/2024

16:22

1.971

Големина на фонт

а а а

Шифти Шелшок, фронтменот на бендот „Crazy Town“, почина на почетокот на оваа недела на 49-годишна возраст. Тој беше пронајден мртов во својот дом во Лос Анџелес, а сега е позната и причината за неговата смрт.

Менаџерот на бендот Хауи Хаберман потврди за магазинот „People“ дека Шифти, чие вистинско име е Сет Бинзер, починал од предозирање со дрога.


„Никогаш не можеше да се справи со зависностите. Сите се обидовме да помогнеме, но на крајот не успеавме, инаку Шифти сè уште ќе беше тука. Причината за смртта била комбинација од лекови на рецепт и дрога купена на улица. Шифти беше пријател и навистина сакаше да се поправи - за жал, никој немаше соодветна алатка за тоа, вклучително и јас“, изјавил менаџерот.


Се бореше со зависностите

Во текот на својата кариера, Бинзер отворено зборуваше за своето искуство со злоупотребата на супстанции. Во 2012 година тој беше уапсен под обвинение за нанесување тешки телесни повреди и поседување дрога. Десет години подоцна беше уапсен поради возење под дејство на алкохол.

Шелшок беше соосновач на „Crazy Town“, рап-рок бенд кој е основан во 1995 година. „Butterfly“, култната песна која го прослави бендот беше објавена во октомври 2000 година како трет сингл од нивниот деби албум „The Gift of Game“ (1999), но се здоби со популарност дури откако беше официјално објавена со музичко видео во февруари 2001 година.

Песната стигна до првото место на американскиот „Billboard Hot 100“ веќе следниот месец и остана таму цели две недели. Со оглед на тоа дека хитот е базиран на песната „Pretty Little Ditty“ од албумот на „Red Hot Chili Peppers“ - „Mother's Milk“ (1989), членовите на бендот Ентони Киедис, Фли, Чед Смит и Џон Фрушанте се наведени како коавтори на „Butterfly“. Песната денес има 237 милиони прегледи на Јутјуб.



Спонзорирани линкови

Маркетинг