„Варга не се сеќава на инцидентот“

Точка

24/06/2024

16:22

1.899

Големина на фонт

а а а

Унгарскиот фудбалер Барнабас Варга на натпреварот од ЕП против Шкотска доживеа повеќекратни скршеници на коските на лицето и веројатно ќе биде подложен на операција, соопшти фудбалскиот сојуз на Унгарија.

Во 68-мата минута од натпреварот меѓу Унгарија и Шкотска во Штутгарт, Барнабас Варга силно се судри со шкотскиот голман Ангус Ган. Доби силен удар во лицето, а потоа и со темето удри во земјата при падот.

По првата помош укажана на теренот, окружен со соиграчите кои држеле ќебе за да го скријат од камерите, Варга беше пренесен во болница.


„Неколку коски на лицето на Варга се скршени. Исто така има и потрес на мозокот. Тој најверојатно ќе биде подложен на операција“, навел Унгарскиот фудбалски сојуз.

Унгарија со гол во судиското продолжение ја победи Шкотска со 1-0, а соиграчите тој триумф му го посветија на Варга.


„Тоа беше страшен момент, да се види Барнабас во таква состојба. Се боревме за него, сакавме да победиме за него и среќни сме што успеавме во тоа. Победата му ја посветуваме нему“, рекол унгарскиот фудбалер Роналд Шалаи.

Дополните информации пренел и докторот на репрезентацијата Гергељ Панич.


„На основа на направените прегледи, операцијата е планирана за денес, што е позитивно. На инцидентот не се сеќава.

Барни во текот на судирот доживеа потрес на мозокот и ја изгуби свеста. Додека да дојде Итната помош, тој веќе се освести, по што е однесен на клиниката во Штутгарт, каде, после прегледот, составен е тераписки план по кој ќе биде опериран. Нашиот напаѓач има повеќекратни скршеници на лицето, скршени му се неколку помали и поголеми коски. После операцијата ќе биде задржан два дена, а ако се пројде како што треба, ќе биде пуштен во среда“, рекол Панич.




Спонзорирани линкови

Маркетинг