Српски научници за Си-ен-ен: „Змии кои ја лажираат сопствената смрт, актери кои заслужуваат ’животински оскар‘“ – Истражувањето ги довело во Преспа

Точка

09/05/2024

12:34

10.731

Големина на фонт

а а а

Сезоната на награди можеби е завршена за „човечките актери“ оваа година, но нема одмор за некои од најхрабрите „драмски уметници“ во природата.

Имено, како што пренесува Си-ен-ен, речните змии можат да ја лажираат сопствената смрт кога ќе ги нападнат грабливците и тоа во вистинска „театарска претстава“ која вклучува мачкање со својот измет и пуштање крв – дозволуваат крв да им тече од нивните усти.

Змиите кои ги користат овие „драматични ефекти“ се помалку загрозени од оние кои не ја користат оваа стратегија, покажало истражување објавено во средата во списанието „Biology Letters“.


Многу животни ја лажираат сопствената смрт како одбранбен механизам против предаторите. Вакви примери се забележани меѓу инсектите, рибите, водоземците, рептилите, птиците и цицачите, но како – и до кој степен – тоа функционира, сè уште е непознато.

„Постојат спротивставени теории за потеклото на лажирањето смрт“, изјавил за Си-ен-ен Вукашин Бјелица, научен соработник на „Универзитетот во Белград“ и еден од авторите на студијата.

„Некои сметаат дека тоа е свесен одговор, додека други упорно тврдат дека не е. Една теорија е дека тоа е најпримитивниот одбранбен одговор, сличен на смрзнување во ситуација си висок стрес“, зборувал тој.


Лежењето неподвижно и изложувањето на ранливите делови од телото на предаторот е ризично, па истражувачите од „Универзитетот во Белград“ поставиле хипотеза дека колку „претставата е подраматична“, толку помалку време змиите ќе мора да поминат во опасност.

За да го тестираат ова истражувачите отпатувале до Голем Град, остров во Преспанското езеро, каде што овие змии се вообичаени, па оттука и името Змиски остров.


Таму зеле 263 неотровни змии и ги штипеле со прстите за да симулират напад од предатор, пред да ја пуштат секоја змија и да го набљудуваат нејзиното однесување додека глуми смрт.

Забележале дека некои змии се преправале дека се мртви оставајќи ја устата широко отворена, некои се мачкале со измет, а на други им течела крв од нивните усти.

„28-те змии кои крвавеле од устите во просек трошеле две секунди помалку лажирајќи ја сопствената смрт“, покажала студијата.

Змиите, понатаму се наведува, поминале меѓу 6 и 24 секунди глумејќи смрт.

Крвавењето од устата било релативно невообичаено однесување и било забележано само кај 28 тестирани змии, додека мачкањето со измет се случило во 124 случаи.


Не сите тестирани змии ја лажирале сопствената смрт.

Младите змии лажирале смрт за многу пократок временски период и многу помалку крвавеле од устата, а ова однесување било потполно отсутно кај новоизлезените змии, вели студијата.

Можеби ова се случува поради опасностите поврзани со тоа.

Однесувањето на антипредатор зависи од многу работи, како што се полот на единката, температурата на телото, големината, возраста, присуството на храна во цревата, присуството на јајца кај женките, претходно искуство со предатор и претходни повреди, зборувал Бјелица.

„Сè уште не е сосема јасно како секој поединец ја „крои“ својата реакција против предаторот, а нашите набљудувања во голема мера се ограничени бидејќи повеќето од нив доаѓаат од интеракции со човечки истражувачи и не се засноваат на набљудување на реални средби со природни предатори“, додал тој.


Валкањето со измет ја прави змијата помалку привлечна за предаторите, што според истражувачите објаснува зошто змиите го прават тоа пред да глумат смрт и затоа поминуваат помалку време во оваа ситуација.

Иако змиите не прскаат крв директно на своите предатори, како што тоа го прават рогатите гуштери крвавењето од уста ја сигнализира нивната „привидна смрт“ на предаторот. Истражувачите веруваат дека крвавењето е предизвикано од зголемување на крвниот притисок, предизвикано од високо ниво на хормонот на стрес, продолжил Бјелица.


Резултатите од студијата сега треба да се потврдат кај други видови и екосистеми, велат истражувачите, додавајќи дека идните истражувања би требало да се фокусираат на прецизен редослед на прикажани однесувања.




Спонзорирани линкови

Маркетинг