Карагер му пресуди на најтрофејниот играч во Јунајтед: Време е да оди во МЛС или Саудиска Арабија!

Дерби

07/05/2024

11:00

1.008

Големина на фонт

а а а

Џејми Карагер од самиот старт потенцира дека Манчестер Јунајтед направи кардинална стратешка грешка кога му даде долгорочен договор на фудбалер во години како Касемиро, но после две одиграни сезони во Премиер лигата, тврдењата на поранешниот стопер на Ливерпул се уште посурови.

Касемиро вчера беше посрамотен во средниот ред на „Селхрст парк“ и дури осум пати беше поминат од фудбалерите на Кристал Палас, а тоа го натера Карагер уште пожестоко да го критикува најтрофејниот фудбалер во овој тим на Јунајтед.

Бразилецот освои се што може да се освои како член на Реал Мадрид и беше дел од едно од најдобрите триа во историјата на фудбалот, но Карагер смета дека е време тој да замине во понизок ранг на натпреварување и да се пресели во Америка или Саудиска Арабија.

– Уште на полувреме велев дека треба да биде изваден, но знаев дека нема да се случи тоа поради децата на клупата. Како искусен фудбалер, Касемиро треба да биде смртно свесен дека пред него преостануваат само уште три натпревари на највисоко фудбалско ниво. Двата следни натпревари во Премиер лигата и финалето во ФА Купот. После тоа треба да размислува за заминување во МЛС или Саудиска Арабија.

– Смртно сум сериозен, неговиот агент и луѓето околу него мора да му кажат дека мора да сопре овој тренд. Гледавме еден од најдобрите во модерното време, го сочинуваше триото кое доминираше во Европа со Крос и Модриќ, триото кое лесно може да се споредува со она на Барселона од Бускетс, Чави и Иниеста. Јас не сум ниту блиску до она што тој го оствари, ја освои Лигата на шампионите, играше за Бразил, за Реал Мадрид, но секогаш се навраќам на она што јас го кажав кога се пензионирав. Остави го фудбалот, пред тој да те остави тебе! Фудбалот го остави Касемиро и тој веќе не е за врвно ниво. Мора да се откаже од ова ниво и да направи следен чекор во кариерата. Играч од такво ниво не смее да минува низ ова, тој е премногу добар играч за да му се потсмеваат. Не играше против Манчестер Сити или Реал Мадрид, играше против Кристал Палас, – посочи Карагер.



Спонзорирани линкови

Маркетинг