Завршни изјави на кандидатите и лидерите на предстојните Парламентарни и Претседателски Избори 2024

Макфакс

07/05/2024

00:10

1.486

Големина на фонт

а а а

На полноќ на 06 мај започна изборниот молк. Сумирано во една вест ви ги пренесуваме последните ветувања, програми, напади кон противкандидатите и очекувања на кандидатите и лидерите на најголемите политички партии кои се главни фаворити за предстојните Претседателски и Парламентарни Избори 2024 година.

Сиљановска-Давкова до младите: Не бегајте од Македонија, на 9 мај ќе почне нова демократска македонска историја


На 8 мај мора да ја повторите лекцијата од 24 април. Да научат како се однесува народот. Мора да им одржиме лекција дека народот легитимира, народот делегитимира. На овие избори се случува чудо, не доаѓаат само реки од народ од Македонија, туку и нашите Македонци од странство. На младите им порачувам, не бегајте од Македонија, не одете си! На 9 мај ќе почне нова демократска македонска историја. Ќе имаме нова одговорна власт, порача на митингот во Прилеп, кандидатката за претседателка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Сиљановска-Давкова.

„Немојте да дозволите оние кои повикуваат на бојкот да ви го суспендираат избирачкото право. Тоа е ваше! Излезете и гласајте! Така ставате камче во новиот темел на демократска Македонија! Надежта ја гледам секој ден на лицата на младите, кај возрасните! Знаат дека се ближи ново време, ново македонско доба во која улога ќе имаат сите без оглед на припадноста. Времето на знаење, ум, креација доаѓа! Вие го направивте правиот избор на 24 април. Не се сомневам дека нема да го бојкотирате она што е ваше, избирачкото право. Сигурна сум дека ќе го направите вистинскиот избор на 8 мај. А потоа, заедно ќе го славиме Денот на победата над фашизмот. Тој ден ги обедини сите и повторно сите ќе не обедини. Ама сега за повисоки цели. За право и правда! За држава каква што заслужувате! Ве молам размислете, ние немаме друг избор. Македонија! Македонија вечна! Македонија сме ја наследиле, ќе ја оставиме на идните поколенија! Македонија горда! Како што се гордеам јас на Ченто, да се гордеете вие на вистинските чекори што сте ги направиле на 24 април и на 8 мај“, порача Давкова.

Пендаровски: Граѓаните да размислат кому ќе ја дадат довербата в среда, ако ВМРО-ДПМНЕ се дограба до власт последиците може да се непоправливи

Кандидатот за претседател Стево Пендаровски вечерва во Скопје го одржа завршниот митинг во рамки на претседателската кампања и притоа истакна дека е сигурен дека на 8 мај, ќе се извојува двојна победа, како што рече: „не за нас, за сите вас“.

Тој ги повика скопјани, но и сите граѓани на Македонија да размислат кому ќе ја дадат довербата в среда бидејќи ако се дограба ВМРО-ДПМНЕ до власт, последиците можат да бидат непоправливи и на среден и на долг рок, бидејќи според него тоа се луѓе без искуство, без политичко искуство да водат држава, да водат град или општина.

„Кога ќе ги прашате што ќе правиме со нашето членство во НАТО, кое самите во својата програма го ставија како најголема вредност и најголема контрибуција за безбедноста на Македонија, тие велат ќе го почитуваме Преспанскиот одговор, но никогаш нема да изговориме Северна. Да го кажува ова дете од претшколска возраст па и ќе се насмеете. Кога го кажува возрасен човек, професор на факултет, кандидат за највисоката политичка функција, а тоа го повтори и денеска на последниот дуел кој го имавме, единствено ви останува да ја жалите госпоѓата“, додаде Пендаровски.

Тие, продолжи Пендаровски, немаат ниту еден конкретен одговор за нашите најголеми стратешки проблеми и дилеми.

„Велат немало да ја менуваат Европската преговарачка рамка, таа ќе останела како што е. Меѓутоа ќе барале за возврат од Бугарија да исполнува одлуки на судот во Стразбур. Кога ќе и предочите на госпоѓата дека не е можно од 1957 кога е направена ЕУ, до ден денешен земја која е кандидат, која не е членка, да условува земја која е членка на ЕУ, што е азбука во сите меѓународни организации и кога ќе и кажете дека солидарноста меѓу земјите членки е примарна, не кон оние кои не се членки, таа само превртува со очи и буквално ништо не ви одговара“, рече Пендаровски.

Осврнувајќи се на изјавите на неговата противкандидатка дека Рамковниот договор го надминал времето, Пендаровски истакна дека Македонија ќе опстои исклучиво како заедница на потполно рамноправни граѓани.

„Кога имате работа со луѓе кои за, а сите знаеме колку мртви колку повредени, колку инвалиди, колку деструкција имавме во таа 2001 и дека тие рани ден денеска не можеме да ги залечиме, тоа значи дек тие луѓе немаат осет во каква држава живеат, каква е популационата структура. Ако можело да функционира 23 години, не гледам причини да одиме по овие забегани теории, заговори и личности кои тврдат дека имале подобри решенија“, подвлече тој.

Истакнувајќи дека граѓаните на Центар имаат голем креативен, демократски потенцијал, тој ги повика на 8 мај масовно да се мобилизираат и да покажат дека знаат да се грижат за себе и за иднината на своите деца.

„За да ја зацементираме иднината на Македонија на магистралата која води кон Европа и развиениот свет, со заокружување на бројот 1, во масовна бројка да им покажеме на ова кои ја замислуваат Македонија само како нивна, приватна држава дека нема да успеат. Нема да успеат! За број 1, на 8 мај, на двата избора“, заклучи Пендаровски.

Мицкоски: Да излеземе да гласаме, за да не можат да не’ уценуваат никогаш повеќе

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва порача дека изборите се финална одлука за тоа дали Македонија ќе биде вратена назад на народот или ќе остане киданапирана во рацете на стотина луѓе.

„Да ја отфрлиме апатијата и цинизмот и наместо тоа да ја прифатиме моќта на нашиот колективен глас да донесе значајни промени. Заедно надминавме безброј предизвици, преживеавме бури и напредувавме со непоколеблива решителност. И сега, додека стоиме на прагот на новото поглавје во приказната на нашата нација, да го искористиме овој момент со храброст и со одлучност. Пријатели, браќа и сестри, Нашата победа е на дофат. Но, не е доволно само да веруваме во подобро утре. Мора да дејствуваме. Мора да се мобилизираме. Мора да гласаме. За да немаат можност да нѐ уценуваат никогаш повеќе! Ве повикувам да излезете на избори со гордост и со одлучност“, порача Мицкоски.

Како што додаде, сите сме свесни во каква состојба е државата и што се случува околу нас. Оправдано, вели Мицкоски, многумина од вас велат ја изгубивме државата, затоа што гледаат дека институциите не функционираат, ја препознаваат корупцијата која е широко распространета, знаат дека политичарите не мислат на нив, туку само на себе.

„Тоа мора да престане. Мора да престанат разочарувањата и поделбите.Затоа што, има само една Македонија. Нема социјал-демократски планини, и вмро-вски реки, нема градови и села на дуи, или на алијанса и беса, или алтернатива, нема езера на левица или на Знам, тоа е една единствена Македонија. Нема социал-демократска или вмровска Македонија. Има само една Македонија. И ова е говорено многупати претходно но никој ништо не превзел. И се додека тоа не го сфатиме сите, и одговорно се однесуваме кон тоа, затоа што е крајно време, и ова е ми се чини и нашата последна шанса, се до тогаш, не е можен просперитет. Мора да сфатиме дека има само една Македонија и сите сме нејзин составен дел и дека таа не е ништо без нас и ние без нејзе, и дека од тоа каква е и каква ќе биде, зависат нашите животи и животите на идните генерации“, порача Мицкоски.

Ковачевски: Демократијата е како кислород – кога е тука, не ја забележуваме, кога ќе ја снема, се чувствуваме задушено


Да не си играме со нашите демократски вредности и да осигураме силен СДСМ во Собранието за да може да бидеме чувари на демократските институции. Да осигураме дека нема да ја вратиме државата во „дивите“ времиња на ВМРО ДПМНЕ и Груевски“, порача лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски од завршниот митинг во Скопје.

„ Демократијата е како кислород. Кога е тука, не ја забележуваме. Кога ќе ја снема, почнуваме да се чувствуваме задушено. Кога нема демократија, настапува смрт. Смрт за слободни медиуми, за слободна мисла, за слобода на изразување за слобода на протест. Едноставно шепотите седите дома, се криете и немате каде да го кажете вашето мислење. Да не си играме со нашите демократски вредности и да осигураме силен СДСМ во Собранието за да може да бидеме чувари на демократските институции. Да осигураме дека нема да ја вратиме државата во „дивите“ времиња на ВМРО – ДПМНЕ и Груевски“, рече Ковачевски.

Лидерот на СДСМ потенцираше дека мора да продолжиме да се бориме и да ја менуваме Македонија ако сакаме да направиме европска држава со ред и поредок, повисок стандард, високо ниво на безбедност и стабилност.

„Затоа и ја креиравме нашата Програма за европска иднина. За повисоки плати и пензии! За поголема поддршка за младите, за студентите, учениците, за ранливите. За поголема поддршка за стопанството и земјоделството. За енергетски независна држава. За конечна и одлучна борба против криминалот и корупцијта. За подобро образование и здравство. За повеќе и подобро за сите!“

Ковачевски ги повика граѓаните на изборите в среда да гласаат совесно и одговорно и да ги поддржат пратеничките листи на СДСМ и Коалицијата за европска иднина и претседателскиот кандидат Стево Пендаровски како единствена опција која има сила и знаење да ја внесе државата во Европската Унија.

Апасиев: Сиромашниот Албанец, сиромашниот Ром, сиромашниот Бошњак, сиромашниот Турчин ни е поблизок од македонскиот чорбаџија

На денешниот завршен Народен собир на Левица од Парламентарна кампања, 2024, се обрати претседателот на Левица и Носител на ИЕ1, Димитар Апасиев.

,,AСНОМ е она што сега го возобнувуваме. Тие што нè ословуваа дека сме националисти, нека знаат дека повеќе Турци и Бошњаци ќе влезат преку листите на Левица, отколку преку нивните етнотрибалистички листи”, рече Апасиев во своето обраќање кон граѓаните.

Според Апааиев, Левица не е лажна опозиција и Левица има светла иднина.

"Оставете ги овие балони што се дуваат, овие максовци кои ќе испарат за година – година и пол. Ние на овие избори очекуваме да влеземе со пратеничка група, а нашиот народ знае дека треба да го даде гласот за Левица!", порача Апасиев.

Својот говор, Апасиев го заокружи со благодарност до членовите и симпатизерите на Левица.

,,Сакам да ви се заблагодарам најискрено и најчовечки, бидејќи вие сте денес тука – водени од идеали и од каузата што нè обединува. Никој од вас не зеде пари, за да дојде тука на овој заеднички Народен собир на Левица. Никој од вас не го вработивме преку Левица. Сега имаме набљудувачи во рекорден број. Како никогаш досега разваливте на терен. Веќе го надминавме епитетот на мала и фејсбук – партија, затоа се плашат од нас. И има зошто да се плашат!”, додаде Апасиев.

Во однос на класната борба, претседателот Апасиев рече:

,,Сиромашниот Албанец, сиромашниот Ром, сиромашниот Бошњак, сиромашниот Турчин ни е поблизок од македонскиот чорбаџија. И затоа, елајте, браќа и сестри! Елајте, народи и народности! Елајте во Левица, за да го вееме бајракот на слободата!”

Ахмети: Дадовме заклетва дека оваа земја има свое место во ЕУ

„Европскиот фронт е силна коалиција која има цел да ја внесе земјата во Европската унија“. Со вакво уверување, ДУИ и предизборните коалициски партнери го одржаа завршниот митинг во Тетово.

„Никогаш не сум излегол да кажам нешто што не можам да направам. Сме дале ветување дека оваа земја треба да биде полноправен член на ЕУ, да има мир, да биде дел од ЕУ со поддршка на САД, исто како што влеговме во НАТО. Друга алтернатива нема. Залудни се силите што сакаат да не спречат. На 8-ми мај ќе треба да направите избор меѓу тие што прават историја и тие што не знаат да направат ниту два чекори напред“, рече носителот на листа од Европскиот фронт во ИЕ 6, Али Ахмети.

Европскиот фронт нагласува дека има програма со визија: да станеме дел од Европската Унија, а истовремено да ја тргнеме суспензијата за Албанија. ЕУ не е само хартија, туку носи благосостојба, подобро здравство и образование, минимална плата од 700 евра до крајот на годината и друго.

На завршниот митинг се обратија и претставници на партиите на Бошњаците, Ромите и Турците, кои предизборно потпишаа договори за соработка и заеднички настап со ДУИ, ДПА, Народното движење, Алијанса на Села и со Европската демократска партија.

Таравари: Ветувам дека кога ќе ја формираме Владата ќе трчаме уште посилно отколку во кампањата

„Со верба ветувам дека јас и сите челници на ВЛЕН кога ќе ја формираме Владата ќе трчаме уште посилно отколку во кампањата“, ова беше првото јавно ветување што Арбен Таравари го даде на големиот митинг во Тетово, додавајќи дека по 8ми мај нема да им биде удобно во кожните фотелји, туку ќе работат уште повеќе за сите.

Таравари нагласи дека иако имал многу понуди од Али Ахмети, тој избрал да биде со народот.

„Не сакам да се задржам многу. Оваа кампања беше незаборавно искуство за мене! Најдов пријатели и тим како ВЛЕН, видов и предавство од некои, кај кои како и кај секој предавник останува само сенка, но во повеќето најдов многу верба и храброст! Имав многу понуди од Али Ахмети, понуди на кои некои мои сопартијци не можеа да одолеат… но јас избрав да бидам ти. Горд сум што го направив овој избор и нека ни е Среќна Победата!“ – истакна Таравари.

Убеден во победата, Таравари рече дека Историската промена ќе остане запаметена како Револуција на светлата.

„Сега сè започна со некои светла од мобилни телефони, кои се палеа дури и кога режимот викаше дека ги гаси светилките на народот… овие светилки се спротивставија… се зголемија и денес тие се светлината на слободата што ја дигнаа земјата на нозе! Сега ги поканувам моите колеги од ВЛЕН на сцената и сакам сите да се фотографираат со вашите светла и да знаат сите дека оваа Историска промена ќе биде запаметена како Револуција на светлата. Господ да ве благослови!” рече Таравари во своите завршни зборови пред илјадници граѓани во Тетово.



Спонзорирани линкови

Маркетинг