Стевчо Јакимовски, актуелниот градоначалник на општина Карпош, лидер на ГРОМ и претседателски кандидат на партијата, поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поради тоа што се најде на црната листа на САД.
„Јас сум човек со достоинство, со чест. Достоинството на еден човек чини онолку колку што е подготвен да го плати. Јас сум спремен да платам и најцисока цена, но нема да попуштам пред неправдата и пред сите оние што се организирале за да направат нечесна игра и грубо мешање во изборот на претседател во Република Македонија и ќе истраам максимално. Поднесов кривична пријава против непознат сторител до ЈО, оддел за органиизран криминал и корупција, и во исто време побарав средба во Обвинителството. Имам да им соопштам одредени сознанија што јас ги знам. Во исто време стојам на располагање за што било да разговараме“, рече Јакимовски.
На прашањето дека против него веќе постои обвинение и судење, кое поради измените на Кривичниот законик се враќа на повторно судење, Јакимовски вели има обвинение, но и има и сведок, кој, како што вели, е подготвен да сведочи за подготовката за неговото апсење, за договорите што биле вршени на највисоко ниво во државата.
Прашан да посочи кој е непознатиот сторител, Јакимовски не сакаше да открие детали, бидејќи, како што вели, имало неколку групи и рече дека не може да обвини ниедна политичка партија.
Американскиот Стејт департмент претходно објави дека на црната листа на САД се ставени поранешната специјална јавна обвинителка, Катица Јанева, и актуелниот градоначалник на Карпош, Стевче Јакимовски.
„Јанева беше вмешана во коруптивни дела, вклучително и користење на нејзиното политичко влијание и службена моќ за лична корист“, се истакнува во официјалната изјава на Метју Милер, портпарол на Стејт департментот.
„Јакимовски како градоначалник на општина беше вмешан во коруптивни дејства, вклучително и користење на својата службена положба за мешање и попречување во урбаното планирање и развој и процесите на набавки во корист на себе и на соработниците“, се истакнува во напишаното.
„Овие ознаки ја потврдуваат посветеноста на САД за поддршка на владеењето на правото и зајакнување на демократските институции на целиот Балкан. Одделот ќе продолжи да ги користи сите достапни овластувања за промовирање одговорност за корумпираните актери во регионот и на глобално ниво“, додадоа од Стејт департментот.