Чајот од ѓумбир содржи многу хранливи материи кои позитивно влијаат на здравјето. Овој чај е еден од најчестите топли напитоци кои се препорачуваат да се пијат за време на настинка, особено во комбинација со мед или лимон.
Група лекари и диететичари откриваат неколку здравствени придобивки поврзани со редовното консумирање чај од ѓумбир, поради кои можеби ќе започнете почесто да го пиете.
Може да го ублажи гадењето и повраќањето
Пиењето чај од ѓумбир може да го ублажи чувството на мачнина во желудникот и да го намали ризикот од повраќање, пренесува „Eating Well“. Со ова се согласува и гастроентерологот Елена Иванина, која објаснува дека „ѓумбирот помага при мачнини за време на бременоста, по операција или хемотерапија и за мачнини предизвикани од патување“.

Тоа е затоа што ѓумбирот содржи моќно соединение наречено 6-гингерол, кое помага во ублажување на мачнините со блокирање на неколку рецептори во цревата, објаснува диететичарката Еми Брајт. Како уште една причина зошто ѓумбирот помага при мачнини, диететичарката посочува дека може да помогне за побрзо варење на материите, што влијае на намалување на времето во кое се чувствува непријатност.
Може да ја ублажи болката
Брајт истакнува дека ѓумбирот „се покажал како ефикасен во намалување на болката предизвикана од менструалните грчеви“. Покрај тоа, редовното консумирање чај од ѓумбир е поврзано со ублажување на болката поврзана со воспаление на мускулите, мигрена, остеоартритис на колената и хронична болка во долниот дел на грбот. Овие ефекти за намалување на болката може делумно да бидат последица на моќните антиинфламаторни и антиоксидантни својства на ѓумбирот.

Може да го намали воспалението
Уште една здравствена придобивка поврзана со пиењето чај од ѓумбир е намалувањето на воспалението. „Различните соединенија во ѓумбирот, како што се 6-шогаол, зингерон и 8-шогаол, имаат антиинфламаторно дејство кај автоимуните болести како што се ревматоиден артритис, воспалителна болест на цревата и псоријаза“, објаснува Иванина.











