Сините зони се региони во светот во кои луѓето живеат најдолго. Иако генетиката игра улога во тоа колку долго ќе живееме, експертите за долговечност веруваат дека исхраната е исто така важна.
Сините зони ги вклучуваат Окинава во Јапонија, полуостровот Никоја во Костарика, Икарија во Грција, Сардинија во Италија и Лома Линда во Калифорнија. Во својата книга „How Not to Age“, гуруто за долговечност д-р Мајкл Грегер, ги советува читателите да јадат како жителите во сините зони ако сакаат да живеат долго.
Исхраната на најдолговечните луѓе вклучува многу зеленчук, овошје, мешунки, семки и житарки, а ние одбравме 5 намирници кои вреди да ги додадете во менито.
Сладок компир
Окинава во Јапонија има 68 стогодишници на секои 100.000 жители. Исхраната на жителите е богата со скробни јаглехидрати, како што се сладок компир или батат. Тој е преполн со антиоксиданти, сложени јаглехидрати, влакна и хранливи материи како бета-каротен.
Тиква
Тиквата доминира во исхраната на локалното население на полуостровот Никоја во Костарика. Тиквата е добар извор на сложени јаглехидрати, како и витамин А, магнезиум и калиум.
Пекорино сирење
Жителите на Сардинија обожуваат сирење. Пекорино сирењето е слично на пармезанот, но се прави од овчо, а не од кравјо млеко. Можете да го изрендате и да го посипете врз минестроне супата што ја јаде најдолговечното семејство на светот секој ден.
Црноок грав
Во Икарија, Грција, црноокиот грав е главен производ, преполн со протеини и микронутриенти.
Бадеми
За здрав меѓуоброк, јадете бадеми, како 100-годишниците во Лома Линда, Калифорнија. Бадемите се преполни со антиоксиданти, витамин Е, протеини и влакна. Препорачаната големина на порција е една шака.