НСЗР ќе штрајкува ако платите не се усогласат со минималецот додека здравствените работници работат за тројца

Макфакс

25/02/2024

16:31

3.658

Големина на фонт

а а а

Правилно и законски да се исплати платата, согласно Законот за минимална плата, побара Независниот синдикат на здравствени работници, административен технички персонал и технички персонал (НСЗР), на денешната прес-конференција.

– Во преодните и завршни одредби во Законот за минимална плата е наведено дека колективните договори треба да се усогласат во рок од шест месеци. Од причина што колективниот договор за здравствена дејност не е усогласен со законот за минимална плата, освен за работните места со најнизок степен на сложеност, бараме како основа за пресметка на платата на здравствените работници, да биде минималната плата, помножена со коефициентот на работното место. Ова наше барање е основано и во согласност со Законот за минимална плата, појасни Боби Бојчевски, национален координатор на Независниот синдикат.

Синдикатот најавува протести доколку нема усогласување на платите со минималната плата. Протестите би биле за време на паузи и би се работеле само итните случаи. Што од ова ќе биде спроведено, зависи како ќе се договорат претставниците на синдикалната организација овие денови.

– Да не се игра со чувствата на вработените во здравството, уште еднаш да не бидеме изманипулирани, бараме правилно и законски да се исплати платата согласно со законот за минимална плата. Ова наше барање е основано и во согласност со законот за минимална плата, нагласи Бојчевски.

Кристина Олевска, претседателка на Независниот синдикат од ГОБ „8 Септември“ и медицинска сестра на Интервентна радиологија, посочи на проблемот со лицата кои работат со договор на дело и по 13 години. Според неа, станува збор за долгогодишен проблем.

– Ако не се реши овој проблем, сметаме дека голем проблем ќе биде во понатамошното функционирање поради тоа што тие се дел од секојдневната здравствена услуга, во амбулантите, поликлиниките и болниците, каде во услови на многу голем недостаток на персонал, еден вработен работи за тројца, рече Олевска.



Спонзорирани линкови

Маркетинг