Актуелниот тренер на Баерн Минхен, Томас Тухел, смета дека тој не е единствениот виновник за лошите резултати на германскиот тим.
Актуелниот шампион на Бундеслигата врза три порази, од Баер Леверкузен (3-0) и Бохум (3-2) во првенството, како и од Лацио во првиот натпревар од осмина финалето на Лигата на Шампионите (1-0).
Тухел сега одлучил да се огласи и да порача дека е одговорен за слабите резултати на екипата, но дека тој не е единствениот проблем таму.
„Да е грешка на само едно лице, во овој случај тренерот, денес спроти вас ќе имавте некој друг на прес-конференција. Не мислам дека сум единствениот проблем, но одговорен сум и ја преземам одговорноста за резултатите. Клупските службеници ја знаат мојата анализа, многу е самокритична. Тие тоа го знаат, но тоа дефинитивно не е анализа за во јавноста“, рекол Германецот пред утрешниот натпревар со Лајпциг во 23-тото коло од Бундеслигата.
Тухел додал и дека не бил задоволен од играта на својот тим, па дури и кога Баварците победувале.
Баерн практично ја изгуби трката за титулата во Бундеслигата, бидејќи заостанува дури осум бодови зад водечкиот Баер Леверкузен, додека во Лигата на шампионите ги очекува реванш во осмина финалето против Лацио и имаат гол минус.