Таткото на убиената Вања Ѓорчевска бара да биде пуштен од притвор, тврди дека не познавал никого од осомничените - Фетаи е против

Точка

22/02/2024

16:04

6.128

Големина на фонт

а а а

Таткото на убиеното 14-годишно девојче Вања Ѓорчевска, Александар Ѓорчевски кој е осомничен дека и давал информации на групата на Љупчо Палевски – Палчо кој е под сомнение дека го убил девојчето денеска од затворот во Шутка беше донесен во Апелациониот суд на јавна седница на која заедно со неговиот адвокат побараа да биде пуштен во куќен притвор или да му бидат одредени мерки за претпазливост.

Ѓорчевски пред судот изјави дека не познава никој од осомничените, вели за Телма неговиот адвокат Владимир Туфегџиќ. Седницата беше јавна, но во последен момент бил известен и Туфегџиќ.

„Денеска се одржа Јавна седница по повод жалба на осомничениот во која се бара укинување на притворот. За денешната Јавна седница како бранител сум известен утрово во 09,20 часот телефонски бидејќи немав покана. Барам укинување на притворот поради фактот што до денес не ни е предочен ниту еден доказ од кој произлегува основаното сомневање за сторено кривично дело ниту ни е овозможен увид во предметот. Осомничениот не може да повтори дело кое не го сторил. На судечкиот совет му е укажано дека сето ова што му се случува на таткото е голема грешка и уште една голема трагедија кон него и неговото семејство.“, вели Туфегиќ за А1он.


Адвокатот на седницата обелодени дека во КПУ затвор „Скопје” се врши тортура врз осомничениот. Според него, тој повеќе од шест пати без наредба на јавен обвинител и судија на претхопдна постапка бил испрашуван од непознати лица, под секое достоинство.

Му било наредено да се сврти со лицето кон ѕидот, а лицата кои го испрашувале биле застанати позади неговиот грб се обидувале да изнудат исказ од него.

На седницата присуствува и обвинителката Фатиме Фетаи. Таа побара жалбата на Ѓорчевски да се одбие и тој да остане во притвор, поради опасност од бегство и поради влијание врз сведоците.


Апелациониот суд на чело со судијката Тања Милева сега треба да донесе одлука дали таткото на убиеното девојче ќе остане во притвор или ќе му одреди други мерки.

Главниот осомничен за убиството, Палевски се уште е во Турција и иако се најавуваше дека за брзо ќе биде испорачан, тој се уште не е екстрадиран во Македонија.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Велес и на Скопје на 3 декември.



Спонзорирани линкови

Маркетинг