Течна наместо биопсија со игла – нова технологија за откривање на канцерогени тумори

Точка

15/02/2024

15:30

10.526

Големина на фонт

а а а

Кога растат туморите на ракот, повеќето од нив исфрлаат ДНК од туморот во крвотокот, а течната биопсија може да ја идентификува оваа ДНК во крвта и да обезбеди важни информации за генетиката на туморот.

Течната биопсија е нова „алатка“ за идентификација и следење на ракот што се користи ширум светот за откривање знаци на канцерогени тумори. Оваа нова технологија претставува едноставна анализа со тест на крвта наместо инвазивна процедура со игла.


Што е течна биопсија?

Додека биопсијата базирана на игла останува златен стандард и за дијагноза на рак и за генетско тестирање на туморот, онколозите од "University of Chicago Medicine" гледаат повеќе потенцијал во овој побрз, побезбеден и поефикасен тест, особено за пациенти со метастатски карцином, на кои им се потребни повеќе биопсии за време и во текот на лекувањето.


„Течната биопсија може да биде неинвазивен начин да се процени колку добро пациентот реагира на лекувањето, па дури и усмерување лекувањето да се прекине во реално време“, објаснува онкологот Д-р Ари Розенберг од "University of Chicago Medicine".

Кога растат туморите на ракот, повеќето од нив исфрлаат ДНК од туморот во крвотокот, а течната биопсија може да ја идентификува оваа ДНК во крвта и да обезбеди важни информации за генетиката на туморот, што покажува дали лекувањето функционира.

„Корисно е да се примени на луѓе на кои веќе им е дијагностициран рак бидејќи знаеме дека во нивниот тумор има ДНК мутации од оригиналната биопсија и знаеме дека она што го откриваме во течната биопсија е вистинската ДНК на туморот“, истакнал д-р Розенберг.

Лекарите од "University of Chicago Medicine" неодамна ја прошириле употребата на течни биопсии кај пациенти со рак на главата и вратот, покрај пациентите со напреднат рак на белите дробови, дебелото црево, дојката и гастроинтестиналниот тракт. Засега се користи како дополнителна дијагностичка алатка за биопсијата со игла.


Предности и недостатоци на течната биопсија

Тестот на крвта е попогоден и поевтин од иглената биопсија, која често вклучува ултразвук или "CT Scan" и, во некои случаи, анестезија. Друга голема предност на течната биопсија е тоа што резултатите се враќаат за околу една недела – два до три пати побрзо отколку што е потребно за да се добијат генетски информации од биопсија на ткиво, нагласува торакалниот онколог Д-р Кристин Бествина.

„Ова им помага на пациентите да добијат третман побрзо. Тоа помага да се идентификуваат повеќе пациенти кои можат да имаат корист од насочената медицина. Кај ракот исклучително важно е времето на пресврт“, истакнува д-р Бествина.

Сепак, лекарите наведуваат дека течната биопсија не е погодна за секој пациент. Одредени видови на рак – како што се рак на белите дробови во рана фаза, микроцелуларен рак на бели дробови и гинеколошки рак – не ослободуваат многу ДНК и затоа не даваат корисни информации. Некои пациенти имаат единствена ДНК која може да ги „искриви“ резултатите од тестот, оставајќи ја можноста за лажни позитивни резултати. Како што нагласуваат, секој рак откриен во течна биопсија сепак може да бара следење со редовна биопсија.


Дали течната биопсија има иднина?

Ветувачките истражувања за течна биопсија моментално се прават на "University of Chicago Medicine" и други институции во САД, вклучително и за педијатриски карцином. Повеќекратните клинички испитувања кои сега се во тек се фокусирани на користење на течна биопсија за други видови и претходни фази на рак. Овие достигнувања не само што ќе помогнат во откривање на рецидив на ракот, туку и ќе го направат третманот поперсонализиран, забележуваат онколозите.

Во едно клиничко испитување, на пример, течните биопсии се проценуваат за оптимизација и персонализација на третманот заснован на имунотерапија за пациенти со рекурентен, метастатски карцином на главата и вратот. Ова би можело да помогне да се идентификува на кои пациенти им е потребна само имунотерапија, во споредба со пациентите на кои можеби им е потребна во комбинација со други третмани. Овој пристап има потенцијал да го подобри ефектот на имунотерапијата додека ги минимизира несаканите ефекти од третманот.


„Наскоро ќе користиме течни биопсии за да идентификуваме кои пациенти стануваат резистентни на лекувањето и ќе не упатат да се префрлиме на друг третман“, вели Д-р Розенберг.

Патем, експертите од Чикаго развиле уште една алтернатива за биопсија – молекуларен тест заснован на плунка за откривање и дијагностицирање на орален карцином.



Спонзорирани линкови

Маркетинг