По „експлозијата“ во производството на леб од кисело тесто за време на пандемијата, лебот од природен квасец и понатаму е омилен, и тоа со добра причина.
Киселото тесто се смета за суперхрана и поздрава опција во споредба со обичниот леб. Најдолговечното семејство на светот го консумира лебот од кисело тесто секој ден со ручек. Зошто? Дали киселото тесто е поздраво од обичното? Дали има некакви здравствени придобивки?
Што е леб од кисело тесто?
Обичниот леб се прави со комерцијален или пекарски квасец кој се меша со вода, брашно, сол и шеќер за да се активира. Лебот од кисело тесто се прави со стартер, направен од свежо брашно и вода, кој содржи див квасец и живи бактерии наместо пекарски квасец.
„Стартерот се остава во тегла да ферментира, што може да потрае до седум дена или подолго. Процесот на ферментација создава јаглерод диоксид кој природно го подига лебот“, изјавила научничката специјализирана за храна, Шарлин Ван Бујтен, за „Today“.
Колку е хранлив лебот од кисело тесто?
Едно средно парче леб од кисело тесто (50 грама) содржи приближно: 130 калории, 4 грама протеини, 1 грам масти, 25 грама јаглехидрати, 1 грам влакна, помалку од 1 грам шеќер, 200-300 милиграми натриум.
Лебот од кисело тесто обезбедува витамини и минерали, вклучувајќи витамин Б, железо и калциум и е одличен извор на антиоксиданти и пребиотици, напоменуваат експертите.
Дали киселото тесто е поздраво од обичното?
Лебот од кисело тесто има здравствени придобивки кои обичниот леб можеби ги нема, а тоа се:
- содржи повеќе хранливи материи
- побавно го зголемува шеќерот во крвта
- полесно се вари
- го поддржува здравјето на цревата
Влијае на губење на килограмите
Киселото тесто содржи повисоки нивоа на отпорен скроб, јаглехидрат на кој му треба многу повеќе време за да се разгради, што може да помогне во контрола на чувството на глад и телесната тежина.
Поотпорен е на мувла
Уште една предност на процесот на ферментација на киселото тесто лежи во фактот што киселините произведени од бактериите ја намалуваат pH вредноста на лебот, што го спречува растот на патогени кои се пренесуваат со храна, тврди Американското здружение за микробиологија. Лебот од кисело тесто има потенцијал подолго да остане свеж на полиците и да биде поотпорен на мувла.
Содржи помалку глутен за полесно варење
„Глутенот, протеин кој природно се наоѓа во пченицата, јачменот и 'ржта, се разградува за време на процесот на ферментација за правење леб од кисело тесто, така што природно содржи помалку глутен од другите видови леб“, забележува Ван Бујтен.
Како резултат на тоа, лебот од кисело тесто е полесно сварлив, особено за луѓето кои се чувствителни или нетолерантни на глутен. Сепак, лебот од кисело тесто не е без глутен, па луѓето со целијачна болест или алергија на глутен треба да го избегнуваат.