Има 11 години, живее во Кичево и свири на пијано како професионалец: „Ми пиша Симон Трпчевски. Треперев додека го читав мејлот…“

Точка

20/12/2023

22:57

108.248

Големина на фонт

а а а

11-годишниот Лука Лазарески од Кичево е идниот Симон Трпчески. Неговата дисциплина, посветеност и огромна љубов кон музиката, го носат до солистички концерт во Домот на култура во Кичево. На 22.12.2023 од 19ч., Лука и неговите пријатели ве канат на неверојатна претпразнична музичка магија.

Точка ги поддржува младите таленти, особено луѓето во помалите градови во Македонија кои сакаат да учат, а немаат реални услови за тоа. Во продолжение ви ја носиме музичката приказна на Лука Лазарески.

Како започна твојата љубов со пијаното, колку време активно свириш и колку време дневно посветуваш на овој инструмент?

Љубовта кон музиката, а и кон пијаното започна на 8-годишна возраст, за тоа е виновен мојот постар брат Марко. Марко свири на гитара и заедно со неговиот професор Бојан Ѓошиќ речиси секој ден беа кај нас дома, а тоа беше вистински празник за уши.

Активно свирам од мојата осма година, значи речици 4 години, а свирам секој ден по најмалку 2 часа, дури и кога одам на одмор со мојата фамилија гледаме во близина да има пијано.


Кои мелодии ти се омилени за свирење?

Јас свирам претежно класична музика.

Во Кичево немате нижо музичко, па кој те научи да свириш толку совршено?

Мој прв професор ми беше професорот Бојан Ѓошиќ кој е професор по гитара, но после долги убедувања се реши да ми дава часови по пијано. Со него имавме прекрасни успеси со макотрпна работа, двајцата учевме и надополнувавме. За жал, тој, како и многу други талентирани професори го напушти нашиот град.

Втор професор ми беше професорката по музичко, Кристина Цветаноска. Кај неа за жал имав многу малку часови, затоа што таа е единствената професорка што предава музичко. Со неа на интернационалниот натпревар за пијанисти во Битола, кадешто имаше натпреварувачи од 8 земји, остваривме прекрасен успех и бевме 3-то место во мојата класа на возраст.


Сега и трет професор имам, тоа е достојниот професор во пензија и долгогодишен директор на „Танец“, професорот Бошко Тренески. Бошко Тренески ми предава солфеж, теорија на музика, хармонија, пијано, но најмногу се задржуваме на часови по виолина.

Виолината е мој втор изборен инструмент и мислам дека со професорот Бошко Тренески за неколку месеци работа имаме прекрасни достигнувања.

Подготвен ли си за концертот, имаш ли трема?

За концертот се спремам 5 месеци од кои последните 2 интензивно. Трема имам да, ама многу мала. Пред една година ми се даде шанса да го отворам концертот што јас не знаев дека пред мене има, не знам 600-700 гледачи во сала за 500 седишта. Тоа беше Велигденски концерт во организација на манастирот Пречиста Кичево и во програмата последните 5 дена ми го сменија делото. Владиката Партениј го сакал „Spring waltz“ ако може некој да го отсвири. И кој, Лука Лазарески. За само 5 дена со професорот Бојан по 8 до 10 часа работа успеавме да го склопиме и да звучи величенствено.


Кои композиции ќе ги отсвириш?

Hallelujah;
River Flows in You;
Spring waltz;
Shallow;
Nocturne op.9 No.2;
Sonata in G mayor.

Ќе имаш ли гости на концертот, други талентирани твои другарчиња кои ќе настапат?

Да секако, моја драга гостинка е Теодора Матеска која ќе ги испее Hallelujah и Shallow заедно со вокалистот на бендот на мојот брат „ADDICTED“, Бојан Трајкоски.

Потоа од Битола ни доаѓаат ученици од средно музичко и тоа Теодора Кулевска и Јована Димоска - виолина, Лео Пејчиноски - виолончело. Најмладиот учесник е Јана Јолеска. Потоа Петар Личоски, Касијана Матеска и Бисера Јолеска, сите свират пијано. Ги има доста. Тука е секако брат ми Марко Лазарески и Јана Матеска (гитара), професорот по кларинер Едил Хусоски и Ѓорѓи Божиноски (тапани).

И сакам да спомнам дека водител на настанот ни е Владо Дојчиноски, наш врвен глумец.


Покани ли некои познати личности на концертот?

Мој специјален гостин кој го спомнувам секаде за овој концерт е Филип Михајлоски кој 6 месеци редовно доаѓа кај мене и ме внесува во нашата традиционална македонска музика, со него ќе ги изведеме:

Ако одам во Битола;
Македонско Девојче;
Руселе Моме;
Елено Ќерко и за крај;
Налеј, налеј.

Филип Михајлоски овој тежок пат го има поминато двапати повеќе од мене, а истиот и денес го поминува, а свири на инструмент (канон) каде што во Македонија свират мислам само 3-4 музичари.

Кој најмногу сакаш да се појави во Домот на култура во Кичево додека ја свириш твојата омилена мелодија?

Па секако на секој пијанист во Македонија идол му е Симон Трпчески, кој успеав сам да исконтактирам на мејл и да го поканам на мојот прв концерт.

Симон како секогаш Македончиште докрај, ми одговори соодветно на мојот мејл и ме охрабри да бидам истраен во борбата да има музичко образование за сите талентирани деца во Кичево. Исто така, се извини дека не може да биде присутен на мојот концерт затоа што на 23 декември има концерт во Белград, но вети дека во најбрз можен период ќе направиме средба.

Искрено, треперев додека го читав и си велев: „Леле Симон ми одговори, сигурно ќе дојде“.


Што сакаш да бидеш кога ќе пораснеш, сакаш ли професионално да се занимаваш со музика?

Што сакам да бидам, секако пијанист, тоа го кажав и на моето прво гостување во Канал 5 телевизија во Утринската „Здраво Македонијо“ - професионален пијанист. И баш би сакал оваа титула да ја добијам после 10 години на некој мој концерт пред 5.000 публика, па нека е и во странство.

Колку ти значи тоа што луѓето се воодушевени од твојот талент за свирење на пијано?

Па, тоа е основен мотив за мене кога ги гледам насмеаните лица со поглед кон мене, тоа ми го топли срцето.


И, за крај, која е твојата новогодишна желба?

Новогодишна желба ми беше концертов, е сега нека Бог се смилува над мене и нека ми даде сила, среќа и љубов овој сон и желба да завршат како што ги замисливме на почетокот.




Спонзорирани линкови

Маркетинг