[Точка интервју] „Животот вистински ме тресна од земја, но сега сум му благодарна“: Вистинската приказна на Нина Ред

Точка

28/10/2025

22:10

2.393

Големина на фонт

а а а

Искрена, но не секогаш отворена. Различна, но автентична и своја. Нина Ред отсекогаш знаела што значи посветеност - неуморно била фокусирана на работата, сè додека едноставно не можела повеќе.

Трагата по ронка среќа, велат, се крие во малите нешта. Но, нејзината судбина често го вртела тркалото во неочекуван правец, носејќи ја пред големи животни предизвици. И токму тогаш, кога најпосле го пронаоѓа својот мир, се раѓа „Reset“, поткастот за ментално здравје, кој стана нејзино ново животно поглавје.


Прифаќањето како најголем предизвик

„Како и за сè во животот, човек не може туку така да се нафати на работи кои не му се при срце“, вели Нина. „Најголем предизвик ми беше да се прифатам сама себе, начинот на кој го гледам светот. Луѓето многу често знаат да закачат дефиниција на работите, label, етика – за полесно да ги разбереме нештата. Но силно верувам дека секое едно, ако го погледнеш од поинаков агол, ќе добие поинаква претстава. Нема апсолутна вистина, тука е перцепција“.


Живот пред и по 2022 година

Нејзиниот живот, како што вели, се дели на две етапи - пред 2022 и по таа година.


„Ми требаше многу време, но научив многу животни лекции. Се чини како животот вистински да ме ’тресна од земја‘, но од денешна гледна точка сум премногу благодарна. Најголемата победа за мене е оваа година, бидејќи сум среќна со сè што правам. Вистински среќна. Сакам да ги правам луѓето среќни и, дај Боже, тоа да ги ослободи и нив за и тие истото да го прават за другите“.

Да се отпушти - најтешката лекција

Од тој период, Нина ја научила најтешката лекција - да отпушти.


„Ништо не е мое, ништо не ми припаѓа, само го искусувам, му се восхитувам - и тука лежи едно ослободувачко чувство. Почнуваш повеќе да ги цениш работите околу тебе, луѓето, искуствата, времето… Едноставно, те прави побогат во душата за десет животи. Тука гласот на стравот од губењето контрола постепено се намалува. Многу било убаво само да набљудуваш и да го оставиш нештото и тоа да цути“.


Нова Нина - со отворено срце

„Ме обликуваше до степен што не можам да ја препознаам таа Нина од пред неколку години. Дефинитивно се отворив за светот, за луѓето, го отворив срцето. Болката не е само моја - таа е и ваша. Мојата приказна не е само моја, и е уникатна како таква, за да допира до луѓето, за да живее таму некаде и да биде поттик за лична промена“.


„Кога можам јас, можеш и ти,“ додава Нина со насмевка. „Секој може, но има нешто на кое треба да му дадеш време. На секој треба да му дојде она ’ѕвоно‘ или ’Аха‘ момент за да рече: ’Доста е, вртам нова страна.‘ После тоа сигурно одат работите на подобро - не може поинаку. Едноставно, таков е природниот закон на животов“.

Reset - нов почеток и нова мисија

Денес, сите тие искуства ја инспирирале да креира концепт и поткаст кој го носи името „RESET“ – простор каде што отворено се зборува за менталното здравје и човечката внатрешна борба.

„Ги поканувам сите да го отворат YouTube каналот на RESET и да ги погледнат епизодите. Запомнете – сè започнува од нас. Ние го боиме градот сив, а знам дека можеме подобро“.

Автор: Ц.Н.