Тренчевска: Ниту едно дете со попреченост не е веќе во институција, тоа е гордост и за Владата и за министерството

Макфакс

01/12/2023

19:27

969

Големина на фонт

а а а

„Во изминатите години имаме одлична соработка со Светска Банка во спроведувањето на Проектот со подобрување на социјалните услуги. Во оваа прилика сакам да и се заблагодарам и на тимот кој работи на проектот кој што покажаа добри резултати, пред се за граѓаните. Особено ме радуваат резултатите во делот на детската заштита. Нашата цел е да обезбедиме пристап до предучилишно воспитание и образование за сите деца“ вака го започна министерката состанокот со претставниците од Светска Банка.

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска се сретна со Паоло Бели, менаџерот на пракса за социјална заштита и работни места за Источна и Јужна Африка во Светската банка и Рита К. Алмеида менаџерката во глобалната практика за образование на Светска банка, која го покрива регионот на Европа и Централна Азија.

На средбата се разговараше за целите на Проектот за подобрување на социјалните услуги и неговите цели.

„Социјалните услуги ги започнавме во 2019 година и истите се со исклучителна важност за највозрасните во нашата држава. Моментално немаме ниту едно дете кое е сместено во институција. Во малите групни домови имаат многу подобри услови за живеење и деновите им поминуваат исполнети со љубов. Со Светска Банка најпрво започнавме со социјалните сервиси како што е услугата помош и нега во домот“ рече Тренчевска.

Таа истакна дека е големо задоволството да се гледаат среќните лица на корисниците. Министерката рече дека за министерството најважно е овие услуги да бидат одржливи и истакна дека од таа причина договорите потпишани од страна на проектот продолжуваат да се имплементираат од централниот буџет.

На крајот на средбата се разговараше и за поддршката на Светска Банка во делот на социјалното осигурување и пензиите. Министерката истакна дека нема да дозволи да се донесе ниту една политика која ќе ја загрози исплатата на пензиите и стабилноста на Пензискиот фонд. Таа истакна дека нејзина единствена цел е да го одржи континуитетот на полнење на пензискиот фонд и затоа потврди дека ќе продолжат нејзините заложби за извлекување на ранливите категории на граѓани од системот за социјална заштита со нивно вклучување на пазарот на трудот.



Спонзорирани линкови

Маркетинг