Во неделата, во рамки на Модната недела во Париз своето шоу традиционално го одржа и козметичкиот бренд „L’Oreal“, а на пистата како и секоја година прошетаа славните убавици кои се заштитни лица на оваа куќа.
Хелен Мирен, Кендал Џенер, Енди Мекдауел, Ева Лонгорија, Ел Фанинг се само некои од амбасадорките на „L’Oreal“, а тука е и прекрасната Ајшварија Рај која вчеравечер беше во центарот на вниманието.
Познатата Индијка ретко се појавува во јавноста, но постојат настани кои никогаш не ги пропушта – тоа се Канскиот фестивал и гореспоменатата ревија на брендот во Париз.
Овојпат Ајшварија прошетала на пистата во раскошен, светкав црно-златен фустан со пелерина која се влечела по подот, оставајќи драматичен впечаток. Таа покажала дека сè уште е мајстор на својот занает, иако поминаа повеќе од 2 децении од врвот на нејзината манекенска кариера.
За потсетување, Ајшварија Рај во 1994 година ја освои титулата Мис на светот, но и ден-денес плени со посебна харизма и убавина, иако за помалку од еден месец ќе го прослави 50-от роденден. Освен што сега има нешто позрела убавина и побујни облини, оваа дама не се промени премногу во однос на почетокот на нејзината кариера. Особено била забележлива нејзината долга, негувана коса навиткана во раскошни локни која навистина остава без здив.
Инаку, боливудската ѕвезда е во брак со славниот индиски актер Абишек Бакчан. Парот е заедно од 2007 година и ја имаат 12-годишната ќерка Арадија.