Италијанскиот фудбалер Леонардо Бонучи изјави дека се надева дека неговата „луда одлука“ да премине во Унион Берлин ќе се исплати на Европското првенство во 2024-та година.
Бонучи последниот ден од преодниот рок од Јувентус премина во Унион Берлин и планира да ја заврши репрезентативната кариера на Европското првенство во 2024-та година во Германија, каде Италија ќе ја брани титулата.
Германија ќе биде домаќин на турнирот, а 36-годишниот Бонучи во таа земја цела сезона ќе се подготвува за тоа натпреварување за да добие повик од селекторот.
Бонучи за прв ја напушти Серија А, иако тоа не го сакал. Сакал до крајот на договорот да остане во Јувентус, клуб за кој одиграл повеќе од 500 натпревари. Меѓутоа, тренерот Алегри му кажал дека не смета на него, па меѓу Унион Берлин и Лацио, Бонучи се одлучил за Берлин.
„Знам дека ова е луда одлука. Но морав да излезам од комфор зоната. Играв 20 години во Италија“, рекол Бонучи.
Тој додал дека сака да се занимава со тренерска работа по завршувањето на кариерата и дека преселбата во Германија ќе му помогне да искуси поинаков животен стил, стил на игра, тренинг и методи на работа.
Тренерот на Унион Урс Фишер придонел во одлуката на Бонучи.
„Разговарвме на италијански јазик, тоа е најважно … Не, разговаравме за мојата ситуацијата бидејќи во Јувентус 50 дена тренирав со двајца или тројца играчи. Тоа е сосема поинаку од тренинг со екипата. Му кажав дека ми се потребни три или четири недели да се подготвам, сега сме во четвртата недела и се надевам дека наскоро ќе бидам подготвен“, навел Бонучи.
Тој дебитираше за Унион во поразот од Реал Мадрид (0-1) минатата недела во Лигата на шампионите, а на дебито во Бундеслигата направил пенал во поразот од Хофенхајм во саботата.
Тоа беше втор пораз по ред за берлинската екипа на домашен терен, каде претходно имаше низа од 24 натпревари без пораз. Унион ги изгуби последните четири натпревари во сите натпреварувања.
„Тешко е, но знам дека ќе напредуваме“, рекол Бонучи и додал дека одбраната во Бундеслигата е сосема поинаква од Серија А, бидејќи во Германија дефанзивците мора да покриваат поголем дел од теренот.
„Тоа е најтешка работа во одбрана, морате да ги напаѓате напаѓачите. Во друга ситуација, морате да го покривате теренот. Морате добро да ја читате ситуацијата бидејќи вашите противници се многу брзи“, навел фудбалерот.
Бонучи, кој беше капитен на Италија во последниот натпревар во јуни, рекол дека разговарал со новиот селектор Лучијано Спалети.
„Ми кажа дека морам да играм на многу натпревари за бидам дел од екипата. Мислам дека оваа година ќе имам можност за тоа“, рекол Бонучи.
Унион во сабота во првенството ќе игра против Хајденхајм, а во вторник против Брага во Лигата на Шампионите.