(Фото) Историја во Ла Лига: Малиот каталонски клуб за првпат на врвот, во следното коло ќе го брани првото место против Реал!

Дерби

28/09/2023

14:39

2.888

Големина на фонт

а а а

Реал Мадрид и Барселона се менуваа на врвот на табелата во првите шест рунди во Ла Лига, но по крајот на седмата, имаме огромно изненадување од сензацијата од Каталонија.

Џирона почна да воодушевува уште минатата сезона кога со допадлив и убав фудбал лесно заврши на средина на табелата, но иако загуби четири важни првотимци во текот на летото, овој мал каталонски клуб продолжи по патот кој го избра и сега е сезнација на стартот на сезоната во Ла Лига.

Тимот предводен од тренерот Мичел вчера направи пресврт на „Ла Керамика“ кај Вилјареал и славеше со 1:2, а шестата победа на првите седум меча донесе историја за овој мал каталонски клуб.

Џирона вечно ќе го памети датумот 27-ми септември, бидејќи на овој ден клубот за првпат во историјата изби на првото место во најсилната шпанска фудбалска лига.

Овој подвиг донесе безброј позитивни реакции во Шпанија поради тоа што станува збор за тим во кој нема ниту една ѕвезда, а судбината посака веќе овој викенд Џирона да го брани врвот со најтрофејниот во историјата.

Реал Мадрид како второпласиран тим ќе гостува во Каталонија во сабота, па навивачите на Џирона ќе имаат можност историскиот успех да го проследат со вистински фудбалски спектакл.