Јувентус го очекува завршницата на оваа сезона, сезона која е турбулентна за клубот и дефинитивно ќе биде неуспех ако екипата остане без пласман во Лигата на шампионите.
Сè започна со еден нов проект кој шанса да го води доби Тијаго Мота кој претходно имаше одлични резултати со Болоња, но тој не издржа ниту една сезона и неговото место го зазема Игор Тудор. Хрватот сигурно останува да биде главен до крајот на кампањава, меѓутоа во случај да не ја оствари основната цел тешко дека ќе продолжи во Торино.
Одново на маса се споменуваат некои имиња за нов тренер на „бјанконерите“, а според некогашниот ас на овој клуб Алесио Такинарди фокусот треба да биде на еден стратег-Антонио Конте.
- Има само едно име, а тоа е Антонио Конте. Јас би го избрал него. Тој е оној кој докажува дека е тренер на високо ниво. Но, тренерот не може сè да направи сам. Клубот мора да му помогне, - порача легендата на „старата дама“.