Зголемено присуство на специјални единици на северот на Косово

Макфакс

28/09/2023

10:37

1.395

Големина на фонт

а а а

Генералниот директор на косовската полиција Газменд Хоџа денеска изјави дека косовската полиција го зголемила присуството на север и дека редовните полициски патроли се намалени.

„Го зголемивме присуството и будноста околу граничниот појас. Исто така, го зголемивме присуството на специјалната единица на косовската полиција на северот на Косово. Малку ги намаливме редовните полициски патроли бидејќи немаат таков степен на заштита да се соочат со секој можен напад“, вели Хоџа во изјава за Радио Слободна Европа.

Тој не соопшти детали колку се зајакнати капацитетите на специјалната единица, но рече дека институцијата што ја предводи е постојано во координација со мировната мисија НАТО – КФОР и со мисијата на Европската унија за владеење на правото во Косово (ЕУЛЕКС).

Ново засилување на присуството на специјалните полициски сили на северот на Косово се случи по убиството на полицаецот Африм Буњаку во неделата во вооружен напад во Бањска кај Звечан.

Во акцијата што следеше беа убиени тројца напаѓачи, Срби од Косово, а повеќе беа уапсени.

На тројца од уапсените им е одредена мерка притвор во траење од 30 дена, додека четворица се ослободени поради, како што соопшти Специјалното обвинителство на Косово, немање докази.

Запленет е арсенал оружје, додека неколку напаѓачи избегале и, според приштинските медиуми, се лекуваат во болниците во Србија.