Ковачевски – Викерс: Македонско-британските трговски односи се пример за регионот

Макфакс

27/09/2023

14:06

862

Големина на фонт

а а а

Премиерот Димитар Ковачевски денеска имаше средба со Мартин Викерс, специјален пратеник за трговија за Западен Балкан на премиерот на Обединетото Кралство.

На средбата се разговараше за севкупните македонско-британски односи, кои беа заеднички оценети како исклучително цврсти, долгорочни и сеопфатни. Посебен фокус беше ставен на билатералната економска и трговска соработка, при што премиерот Ковачевски изрази големо задоволство што Обединетото Кралство е вториот најголем директен странски инвеститор во нашата земја, а Северна Македонија е првиот трговски партнер на Кралството меѓу шесте земји од Западен Балкан.

Ковачевски ја поздрави работата на британските компании во државава и изрази задоволство од формирањето на Британската бизнис-асоцијација во Северна Македонија истакнувајќи дека таа ќе придонесе кон натамошна промоција на трговските односи меѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија и привлекување нови британски инвестиции во земјата.

На средбата се разговараше за можностите за проширување на економската соработка и во други области. „Владата што ја предводам е посветена на зајакнување на трговијата и инвестициите, особено во областите како енергетиката и инфраструктурата“, оцени Ковачевски.

Тој го запозна британскиот трговски пратеник и со актуелностите во земјата на внатрешно- и надворешнополитички план и притоа се заблагодари за континуираната британска поддршка на Северна Македонија, рефлектирана преку соработка во многу полиња, а во насока на зајакнување на демократските капацитети и економскиот развој на државата.

Специјалниот трговски пратеник, Викерс, истакна дека Обединетото Кралство го препознава и поздравува придонесот на Северна Македонија во одржувањето и зацврстувањето на регионалната стабилност и безбедност и во рамките на НАТО и нагласи дека британската поддршка на Северна Македонија во европските интеграции ќе продолжи во разни формати, иако Обединетото Кралство не е веќе дел од Унијата.



Спонзорирани линкови

Маркетинг