Спасовски: Со партнерството со Словенија успеавме да бидеме пример како може соработката да се одржува, негува и продлабочува

Макфакс

25/09/2023

20:44

1.149

Големина на фонт

а а а

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за време на работниот престој во Љубљана, Република Словенија, се обрати на настан под покровителство на амбасадата на Република Северна Македонија, по повод одбележување 30. години од отворањето на првата амбасада во светот по независноста и осамостојувањето на државата, а на покана од домаќинот на настанот, амбасадорот Горан Милевски, во присуство на заменик Претседателката на Владата на Република Северна Македонија, Славица Грковска, министерот за внатрешни работи на Република Словенија, Боштјан Поклукар, претставници на Дипломатскиот кор, стопанственици и претставници на верските заедници, како и сонародници-иселеници од нашата држава.

„Можам да потврдам дека изминативе години со нашето партнерство и соработка со Република Словенија ние успеавме да бидеме пример и да покажеме, не само на просторот на поранешната држава туку и пошироко – како може, кога постои добра волја и низа заеднички интереси, соработката меѓу две земји да се интензивира, одржува, негува и продлабочува примарно имајќи ги во предвид потребите на нашите граѓани, одржувајќи ги на високо ниво претходно воспоставените одлични релации. Дотолку повеќе што во сиве овие години наназад како држави и како институции споделувавме заеднички вредности”, истакна министерот Спасовски, изразувајќи посебна благодарност до Владата на Република Словенија и до словенечкиот народ бидејќи токму Република Словенија беше и остана доследен и лојален партнер на евроатлантски пат на Република Северна Македонија.

„Од аспект на работењето на министерствата за внатрешни работи на Република Северна Македонија и на Република Словенија, изминативе три децении се период на динамична и плодотворна тесна соработка крунисана со мноштво значајни билатерални договори и конкретни активности во кои што словенечката полиција е тесно инкорпорирана во речиси сите суштински реформски исчекори на македонското МВР во насока на имплементирање на сите важни европски полициски стандарди и критериуми”, рече министерот Спасовски, со уверување дека и во годините пред нас може веќе воспоставената билатерална и мултилатерална соработка преку разните иницијативи, форуми, меѓународни асоцијации, уште повеќе да се продлабочи, да се динамизира во интерес на националната, но и регионална безбедност.