Александар Стиков е роден 1947 година, а целиот свој работен век го помина во Македонското радио како новинар, репортер и уредник на спортската програма. Со својот препознатлив глас ги овековечи најважните спортски настани во македонската и југословенската спортска историја и со над 2.000 преноси е новинарот со најмногу изговорени минути на програмата на Македонското радио.
Стиков беше последниот претседател на Здружението на спортските новинари на Југославија и еден од основачите на Македонскиот олимписки комитет. Добитник е на многубројни награди и признанија вклучувајќи го и престижниот „Трофеј за спорт“ и медиуми од Меѓународниот олимписки комитет во 2004.
Како уредник на Спортската програма на Македонското радио создаде плејада новинари и репортери. Во 1969 година ја основа најдолговечната специјализирана спортска програма „Спорт, музика, спорт“ и известуваше од седум олимпијади и голем број европски и светски првенства.
Погребот на посмртните останки ќе биде в петок (22 септември 2023 година) во 11 ч на градските гробишта во Бутел во Скопје (капела во 10 ч), а комеморативната седница в понеделник (25 септември 2023 година) во 11 ч во просториите на Македонската радио-телевизија.