Актерот Расел Бренд е обвинет за силување, сексуален напад и злоставување на 4 жени, по заедничката истрага на лондонските „Сандеј Тајмс“, „Тајмс“ и „Канал 4 Диспечес“ – а една жртвите наводно имала само 16 години во тоа време.
„Еднаш силував некого“
Овојпат „Дејли меил“ објавиле видео, кое во меѓувреме е избришано од „Јутјуб“ откако се појавиле обвинувањата, а на кое актерот се шегувал на тема силување. Имено, тој бил гостин во поткастот на Ричард Херинг во 2013 година. Во еден момент актерот, кој е познат по својот црн и тежок хумор, кажал: „Ах, еднаш силував некого“, на што публиката се насмеала. „Потоа ја убив“, додал Бренд.
Во истото видео тој се шегувал и на сметка на „старите Грци кои имале сексуални односи со деца додека решавале математика“. „Тоа не им пречело. Тие биле паметни, зар не?“, зборувал актерот.
Неговите шеги се нижеле, правел шеги и за возрасните, односно дадилките кои имале сексуални чинови пред децата.
Бренд, кој себеси се нарекол сексуален нарцис, исто така во видеото ја коментирал и публиката: „Погледнете ги жените во оваа соба. Дури и храбра процена би било дека сум спиел со половина од нив“.
Видеото е избришано од „Јутјуб“ каналот на Ричард Херинг, а можете да го погледнете овде.
Ги демантирал наводите на медиумите
Бренд претходно објавил превентивно видео во кое ги негира наводите на „Јутјуб“ и „Х“ (поранешен „Твитер“), без да ги спомене тужителките по име.
Тој ги негирал наводите на медиумите инсистирајќи дека неговите односи секогаш биле консензуални. Тој ги опишал извештаите како „нечуени и агресивни напади“.
„Во деновите на мојата најголема слава бев многу, многу промискуитетен. Но, односите кои ги имав беа апсолутно секогаш консензуални. Тогаш секогаш бев транспарентен за тоа, речиси премногу транспарентен, а транспарентен сум и сега. Постои ли некоја друга агенда во играта?“, навел тој.
Една од жените која го обвинува тврдела дека таа имала 16 години кога ја започнале врската, а се запознале додека пазареле во центарот на Лондон. Жената, чие вистинско име е променето во „Сандеј Тајмс“, изјавила дека Бренд испратил автомобил во нејзиното училиште за да ја земе од настава.