Усман Дембеле пред неполни две недели тврдеше дека негова примарна цел е да ја освои титулата во Лигата на шампионите со Барселона, но сега работите изгледаат далеку поинакви откако Французинот самиот побара од клубот да му дозволи трансфер во ПСЖ.
Францускиот првак не успеа да ја активира откупната клаузула од 50 милиони евра која истече вчера на полноќ, меѓутоа сите во Барса се свесни дека Дембеле ќе си замине со преговори меѓу двата клуба, откако и Чави Ернандес не успеал да го разубеди Усман во донесената одлука.
„Мундо Депортиво“ и „Спорт“ како најугледни каталонски медиуми откриваат дека Чави бил последната надеж на Барса за пресврт во неочекуваната ситуација, но сепак и тренерот имале неуспешен обид да го спречи она што во моментов изгледа неизбежно.
Двата медиуми открија и детали од состанокот кој го имал Чави со Дембеле пред заминувањето во Лас Вегас, од кој посебно е истакната споредбата која тренерот ја направил за Нејмар:
– Сети се што му се случи на Нејмар по заминувањето во ПСЖ….., – му порачал Чави на Дембеле, но крилниот напаѓач останал на својот став и бара наједноставен начин да си замине од клубот.
Познатите извори од Каталонија обелоденуваат дека Чави е крајно разочаран од Дембеле и неговиот однос во овој чувствителен дел од летниот преоден рок, бидејќи пред само една година тој беше единствениот кој веруваше во него и практично ја спаси неговата кариера на „Камп Ноу“.