Огромен песимизам во Барселона за „случајот Дембеле“

Дерби

31/07/2023

11:47

1.066

Големина на фонт

а а а

Усман Дембеле беше еден од најдобрите играчи на Барселона на „Ел Класико“ натпреварот кој се одигра вчера рано наутро, но како што стојат работите, тоа изгледа беше последниот настап на Французинот за тимот на Чави Ернандес.

До ваков неверојатен пресврт доаѓа поради сериозната офанзива од страна на ПСЖ, но и поради неблагодарната клаузула која ја вклучи Барселона во договорот на Дембеле пред една година, а која вели дека тој до 31-ви јули ова лето може да си замине за обесштетување од 50 милиони евра.

Овој износ на откупната клаузула е смешен за ПСЖ и „светците“ веќе ја информираа Барселона дека ќе ги депонираат овие средства во Ла Лига до крајот на денешниот ден, но клубот од „Камп Ноу“ полека ги губи сите надежи поради реакциите кои пристигнуваат од таборот на Дембеле.

„Мундо Депортиво“ и „Спорт“ како најугледни каталонски медиуми откриваат дека владее огромен песимизам во клубот кога е во прашање „случајот Дембеле“, па од него веќе се откажал и тренерот Чави Ернандес, за кого се веруваше дека ќе биде човекот кој ќе може да го разубеди крилниот напаѓач.

Чави успеа да го задржи Дембеле во својот тим пред една година, но повеќе од веројатно е дека тоа нема да му успее по вторпат, бидејќи планот е Усман да не се качи на авионот за Лас Вегас и да замине во Париз на промоција во ПСЖ.