Кој бил Опенхајмер?

Точка

28/07/2023

13:58

15.280

Големина на фонт

а а а

Не се сеќаваме кога некој филм за научник предизвикал толкав интерес како „Oppenheimer“ на Кристофер Нолан.

Овој истакнал режисер ја прифатил задачата да ја оживее личноста за која се смета дека со својата работа, со помош на колегите, го означила почетокот на атомското време. Поради тоа, не нè изненадува епитетот блокбастер кој му се припишува на филмот од самиот почеток на прикажувањето.

Летото, барем кога зборуваме за киното, во главно било предвидено за полесни теми, како „Barbie“ која пред гледачите пристигна во исто време со филмот за големиот научник, па може да се каже дека е голем успех што филмот за еден од најзначајните физичари во историјата се прифаќа како сигурен хит.

Изгледа дека само серијата „Genius“ на каналот „National Geographic“, предизвикала толкав интерес, но сепак станува збор за телевизиска програма.

За физичарот Џ. Роберт Опенхајмер знаеме помалку или повеќе се, но за Опенхајмер како личност знаеме многу малку, па можеби и речиси ништо, барем кога станува збор за пошироката јавност. Филмот на Нолан е базиран на неговата биографија „American Prometheus“, која ја напишале Мартин Џ. Шервин и Каји Брд. Шервин е клучот на целата приказна.


Овој историчар интервјуирал 112 лица кои имале контакт со физичарот составувајќи 50.000 страници разговори, но не успеал да ја заврши книгата ни по 20 години работа.

На крајот Брд извршил притисок да се доврши таа монументална биографија која Нолан ја претвори во филм.

Дарио Бојаниќ и Дарко Хорватиќ, двајца професори од „FER“, односно „PMF“ во Загреб, споделиле некои од поважните моменти од животот на Опенхајмер, и приредиле и предавање за физичарот во соработка со филмскиот дистрибутер „Editus“. И приказната навистина е неверојатна.

„Бил невешт во друштво на жени и често се однесувал како дете во детска градинка кога станува збор за нив. На пример, ако некој кажел нешто негативно за жената која му се допаѓа, влегувал во вербален, а понекогаш и физички судир“, навеле споменатите соговорници. Биографијата на Опенхајмер често опфаќа и прилично бизарни детали и ситуации кои можеле неговиот живот да го насочат во сосема поинаква насока.


„Минал низ неколку големи лични кризи, напади на депресија и анксиозност, посебно во текот на образованието на Кембриџ. Лабораториската работа му била здодевна, премногу рутинска и недоволно интелектуална. Тогаш чувствувал голема здодевност и недостиг на фокус и насочување. Незадоволен од работата на својот ментор Патрик Блекет, со кого бил во судир околу тоа дека неговата работа не би требало да биде толку лабораториска колку теориска, отрул јаболко и го оставил на масата на менторот. Менторот никогаш не го изел јаболкото, но се слушнало за испадот на Опенхајмер поради што морал на разговори со психијатар. Опенхајмер одел на терапии и погрешно му била дијагностицирана шизофренија, а психијатарот му рекол дека е изгубен случај. Се спасил со одењето на Универзитетот во Готнген, каде доживеал целосен процвет, напредувал во кариерата и почнал да се чувствува подобро. За неговата состојба најдобро зборува изјавата дека физиката му е повеќе потребна од пријател“, рекле Бојаниќ и Хорватиќ.

Тврдењето дека токму Џ. Роберт Опенхајмер бил научник кој го започнал атомското доба не е сосема точно.

„Атомското доба го започна Енрико Ферми со експериментот „Chicago Pile 1“ во декември 1942-ра година. Станува збор за прва контролирана верижна реакција, односно првиот вештачки нуклеарен реактор на светот. Интересно е дека проектот е изведен под трибините на стадионот на Универзитетот во Чикаго, насред густо населено подрачје. Иако воените и цивилни автори на проектот биле загрижени поради можно губење на контралата и појава на верижна реакција, тие им верувале на моделите на Ферми и му дозволиле да го изведе експериментот. Успешноста на експериментот ја покажала можноста на сојузниците да креираат атомско оружје исто како што и го зголемила стравот дека Германците се блиску до решение на тој проблем“.


„Во случај на распад на атомот се ослободуваат неколку неутрони со голема брзина. За да се зголеми веројатноста од судир на ослободените неутрони со други јадра, потребно е да се забават ослободените неутрони. Со таа цел се користат материјали кои ги нарекуваме модератори. Станува збор за материјали составени од атоми со мала атомска маса како што се водород, деутериум и јаглерод. За таа цел германските научници користеле тешка вода чие производство е многу скапо, додека Енрико Ферми и Лео Силард сфатиле дека може да се користи и графит. Тоа, заедно со една од најголемите диверзантски акции во Втората светска војна во која норвешките диверзанти предводени од Јоаким Ронеберг ја уништиле нацистичката фабрика за производство на тешки води, на големо го забавило развојот на атомско оружје од страна на Нацистичка Германија. За таа акција е снимен филмот „The Heroes of Telemark“ со Кирк Даглас во главната улога“, потсетуваат професорите, со објаснување дека успехот на проектот „Chicago Pile 1“ го забрзал развојот на проектот кој го водел Роберт Опенхајмер – изработката на првата атомска бомба.

„Опенхајмер бил сосема свесен за тежината на проектот и неговите последици. Знаел дека резултатите од неговата работа ќе бидат употребени на живи луѓе, но бил и свесен дека станува збор за трка со нацистичка Германија и дека нема друг избор. Било прашање кој прв ќе успее да направи атомска бомба, бидејќи знаеле дека Германците ги собрале сите научници кои ги имале и нешто порано го започнале проектот. ВО деновите по тестирањето на првата атомска бомба, расположението на Опенхајмер почнало да се менува. Пред тоа станувало збор за проектот, за науката, успехот, а во деновите на тестирањето реалноста дошла до израз. Велат дека станал мирен и замислен. Делумно затоа што знаел што следи, а делумно и затоа што знаел што тоа значи за светот. Знаел и кои градови се на листата на можни мети и тоа знаење го отрезнило од успехот кој го постигнал“, велат професорите, истакнувајќи дека Опенхамер од друга страна и по тестовите продолжил интензивно да работи на проектот за да биде сигурен дека бомбата ќе биде ефикасна.


„Им даваше многу прецизни и јасни инструкции на генералите кои беа одговорни за бомбардирањето за тоа како треба да се испушти бомбата, на која висина треба да се детонира и слично. Од една страна постоела голема одговорност кон проектот, целта која требало да се постигне и победата во војната, а од друга страна бил и сосема свесен за резултатите кои ќе се постигнат. Исто така, се убедувал самиот дека тоа што го постигнале нема да започне повоена трка во вооружување со Советскиот Сојуз. Ја користел својата позиција и влијание за да ја протурка препораката дека Русите јасно треба да се информираат што е направено и дека ќе се користи атомска бомба против Јапонија. Дал оставка на местото управник на лабораторијата во Лос Алос и се состанал со претседателот Труман за да му ги изрази своите сомнежи во употребата на атомското оружје. „Чувствувам крв на своите раце“, е познатата реченица која му ја кажал на Хари Труман на тој состанок. Труман немал никаков обѕир кон сомнежите на Опенхајмер. Го нарекол плачлив научник и им кажал на своите луѓе повеќе да не го пуштаат во неговата канцеларија“.

На крајот да додадеме дека Опенхајмер во 1954-та година бил предмет на истрага поради врските со Комунистичката партија на САД, што многумина го сфатиле како уште една заблуда на научникот.

Опенхајмер сепак доживеал да ги добие своите почести, а минатата година и официјално постхумно бил рехабилитиран од било какви сомнежи од споменатиот процес. Починал од рак на грлото во 1967-ма година, а неговата урна неговата сопруга Кити ја положила во море во близина на плажата на која живееле на Девствените острови.