Претставници на Јувентус имаат директни преговори со УЕФА, во обид да биде обезбедена спогодба за најавената истрага за прекршување на Финансискиот фер плеј.
Според „Тутоспорт“, италијанскиот клуб ќе прифати да ја прескокне новата сезона во Европа, односно нема да настапува во Конференциската лига, додека УЕФА ќе се откаже од истрагата од која можеше да произлезе слична или посериозна казна за клубот.
УЕФА отвори истрага откако на Јувентус му беа одземени бодови од Италијанската федерација поради случајот со вештачко зголемување на вредноста на одредени трансфери, но и направи спогодба за обвинувањето дека исплатил плати на нелегален начин во периодот кога активностите беа под влијание на ковид кризата.
Според најавената спогодба, Јувентус сам ќе се откаже од настапот во Европа во сезоната 2023/24, а со тоа ќе биде затворена и истрагата за финансиските неправилности во работењето на италијанскиот клуб.
Од една страна тоа ќе значи дополнителен финансиски удар за торинскиот клуб, но Јувентус барем ќе може да се концентрира на домашните натпреварувања каде веќе долго нема освоено трофеј.