Навивачите влегле на тренингот на Сампдорија, побарале играчите да ги соблечат дресовите

Макфакс

17/05/2025

13:47

339

Големина на фонт

а а а

Поранешниот шампион на Италија и освојувач на европски трофеј, Сампдорија, испадна во третата лига на италијанскиот фудбал. Во последното коло од Серија Б, Сампдорија одигра без гол против Јуве Стабија (0:0), но резултатите од другите натпревари не им одеа во прилог. Тоа значеше дека за прв пат во 79 години постоење, клубот од Џенова се пресели во Серија Ц.

Навивачите на Сампорија се појавија на тренингот на тимот во петокот и побараа од фудбалерите да ги соблечат дресовите, бидејќи, како што им рекле на фудбалерите, тие не биле достојни да ги носат боите на клубот.

Три дена по испаѓањето, атмосферата во и околу клубот е вжештена. Околу стотина лути навивачи се собраа пред спортскиот центар „Мугнаини“ во Болјаско, каде што тимот на тренерот Алберико Евани имаше еден вид „казнен“ тренинг, пишува „Газета дело Спорт“.

Протестите биле жестоки – навивачите ги навредувале играчите и извикувале слогани како „Вие сте го..а“, „Овде нема место за предавниците на Сампдорија“ и „Ќе ве скршиме“.

Најголемото понижување се случи кога играчите мораа да ги соблечат дресовите и да им ги предадат на мала група ултраси кои ги чекале пред центарот.

„Не сте достојни да ги носите“, им порачале навивачите.

Испаѓањето во Серија Ц претставува болен пад за клубот кој беше шампион на Италија во 1991 година и го освои Купот на победниците на куповите во 1990 година.

Сампдорија, исто така, има четири трофеи од Купот на Италија и еден италијански Суперкуп во своите витрини. Денес, 33 години по своите најславни денови, се соочува со најтешкиот период во историјата.