Точка интервју со Марија Кочевска: Пилатес тренингот на Реформер овозможува брзи резултати кои се чувствуваат подолг период

Точка

25/05/2023

20:49

99.105

Големина на фонт

а а а

Во светот постојат безброј облици на физички вежби, но во последно време сè почесто слушаме за STOTT PILATES методот на вежбање.

Практикуван и од страна на многу познати личности како Викторија и Дејвид Бекам, STOTT PILATES ја стекнува својата популарност помеѓу љубителите на физичката активност и добриот изглед, а повеќе за тоа што тој претставува, што опфаќа еден тренинг, за колку време се забележуваат првите резултати и друго, поразговаравме со Марија Кочевска, сертифициран STOTT PILATES инструктор и сопственик на Студио 60.

1. Што претставува STOTT PILATES методот на вежбање? Кој ги води тренинзите?

- STOTT PILATES методот на вежбање претставува современ пристап кон веќе познатиот метод на Џозеф Пилатес, кој инкорпорира широк спектар на стручно знаење од страна на професионалци во областа на спортската медицина, фитнесот и физиотерапевти. Во него се вклучени современите принципи на науката за вежбање, фитнес, фасција и рехабилитација на 'рбетниот столб, што го прави еден од најбезбедните и најефикасните достапни методи. Овој тип на вежбање се применува рекреативно, пост-рехабилитациoно и помеѓу професионални спортисти.

STOTT PILATES се издвојува како еден од највисоко рангираните пилатес методи низ светот и како таков дава врвни резултати за клиентите кои редовно го практикуваат. Стекнувањето со назив “Сертифициран STOTT PILATES инструктор” за оној кој е дел од пилатес светот, подразбира дека тренингот кој го води инструкторот ги вклучува сите предвидени етапи и стандарди по кои и истиот се обучувал, и значи дека тој поседува стручно знаење од областа на анатомијата, биомеханиката како и севкупниот концепт на самиот метод за да го води тренингот.

2. Од каде произлезе интересот да воведете ваков вид на вежбање?

- Начинот на движење на човечкото тело со цел подобрување на држењето и изгледот е нешто што одамна ме интересира. Активно и сама практикувам редовно вежбање веќе 12 години, а до пред некоја година и професионално се занимавав со менаџмент на групни тренинзи и фитнес во поранешното 60 Минути. Прва љубов од која имам почувствувано значаен бенефит низ годините е фитнесот, а потоа надоградувајќи го своето познавање во областа се заинтересирав за овој начин на вежбање. Мојата прва средба со Реформер машина се случи сосема спонтано за време на престој во Црна Гора. По само еден пилатес тренинг апсолутно се вљубив и ме заинтересираа сите можности кои таа ги нуди. Во споредба со се она што дотогаш го имав пробано во секој поглед ме воодушеви. Едноставно не престанував да мислам на сите варијации на тренинзи кои може да се изведуваат на неа. Интересот уште повеќе ми се зголеми со резултатите од вежбањето кои ги забележав за брзо време - мускулите околу нозете значајно ми се издолжија, добив сериозна стабилност на торзото и нешто што најмногу ми остави впечаток е зајакнувањето на целиот грб и пределот околу лопатките и рамениците.


3. По што се разликува тренингот во „Студио 60“ од останатите методи на вежбање?

- Нормалниот метод на пилатес вклучува користење на рамен-втиснат ‘рбет за време на вежбите, но методот STOTT PILATES фаворизира користење на неутрален ‘рбет, односно го поттикнува природното искривување на грбот во дел од вежбите. Со редовно практикување на пилатес се учи дека секое движење треба да биде водено од умот. Фокусираниот ум во текот на тренингот е она што воспоставува контрола при изведувањето на вежбите.

Преку неколкуте основни пилатес принципи кои го подобруваат начинот на движење во текот на самиот час активно работиме кон усовршување на биомеханиката на клиентот. Самата Реформер машина на која се изведуваат вежбите овозможува безброј алтернативи и стабилност во движењето поради отпорот кој се подесува. Во текот на часот покрај тоа што активно работиме на контрола и концентрација, учиме и применуваме правилно дишење. Помеѓу останатите работи редовно работиме на баланс, координација, како и на флуидност при транзицијата на вежбите.

4. Кој сè може да се подложи на таков тренинг?

- Секој кој има желба може да го практикува овој вид на вежбање. Бидејќи се работи со 100%, 200%, 250% отпор од сопственото тело, зависно од тоа колку федери се вклучени при изведување на одредена вежба, не се препорачуваат активни тренинзи од овој тип само за лица помлади од 14 години и за луѓе со над 150кг телесна маса. Пост-рехабилитациски клиенти и лица со посебни потреби - бремени или во други специфични состојби би можеле да вежбаат само со претходна дозвола од лекар и исклучиво во индивидуализирани тренинзи.


5. Што сè опфаќа еден тренинг во „Студио 60“, како се одвиваат часовите?

- Кај нас секој тренинг ја опфаќа работата на цело тело. Она што е и досега познато е дека пилатесот како метод на вежбање ги вклучува и најдлабоките мускули на човечкото тело, резултира со активни карлични и абдоменални мускули, како и со активација на длабоките мускули во ‘рбетот. Со дополнителната опрема која ја употребуваме при креирање на тренинзите - трамполините, столиците за стабилност, барелите, кадилакот и други, се прави идеален баланс помеѓу стабилност, сила и флексибилност на телото без дополнително оптеретување на зглобовите.

Во Студио 60 имаме групни, полуиндивидуални и индивидуални тренинзи. Во групите часовите се рекреативни каде што значајно побрзо се учи начинот на вежбање и резултатите во оптимален временски период квалитетно прогресираат поради тоа што вежбаат максимум до 4 лица и се водат како еден вид на индивидуализирани часови. Полуиндивидуалните тренинзи каде што терминот е отворен за две лица се со зголемен фокус на личните потреби на клиентите, додека пак во индивидуалните тренинзи еден-на-еден работиме на специфичните проблематики или лични потреби и барања од страна на клиентот.


6. За каков вид на “специфични проблематики” е соодветен овој концепт на вежбање? На кои сè клиенти би го препорачале ваквиот метод на вежбање?

-Сите ние имаме одредени девијации на нашето тело, а сето тоа потекнува од секојдневието и навиките со кои живееме. Спротивставувајќи и се на гравитацијата своевремено телото се поставува на некој свој начин да би можело активно да функционира. Дополнително на тоа навиките кои ги имаме во текот на деноноќието, од типот начинот на кој спиеме, начинот на кој ја носиме торбата - на едното рамо или на грбот, начинот на кој седиме - особено женската популација која најчесто седи со прекрстени нозе, можат да придонесат до помалку или повеќе видливи девијации на кои доколку активно не се работи, тенденциозно прераснуваат во посериозен проблем. Овие девијации со тек на време може да прераснат во потешкотии при извршувањето на секојдневните обврски и токму тоа е мојата работа - преку пилатес вежбите на Реформер три пати во неделата со 55 минутен тренинг и активација на одредена група на мускули, да им овозможам баланс на енергијата и олеснување при функционирањето во секојдневието на своите клиенти.

7. За колку време можат да се забележат резултати од STOTT PILATES методот на вежбање?

- Пилатес тренингот на Реформер овозможува брзи резултати кои се чувствуваат подолг период. Најмногу поради тоа што за првпат се активираат мускули кои длабински ја подобруваат функцијата на телото, а траат токму поради истата причина. Но, како и секој друг вид на вежбање за идеални резултати потребно е подолг временски период редовно практикување на ваквиот вид на тренинг, барем 2 до 3 пати во неделата. Првите резултати клиентот ги воочува во движењето, после првите 5-6 тренинзи.


Тимот на инструктори од Студио 60

8. На социјалните медиуми може да се забележи дека многу од познатите личности во светот практикуваат ваков вид на вежбање. Што мислиш, зошто токму ваквиот тренинг е нивниот избор?

- Главната цел на јавните лица е да бидат фит и да бидат здрави. Овој тренинг ја подобрува целокупната функција на телото. Кај жените пилатесот на Реформер помага и во одржување на женското интимно здравје преку активацијата на длабоките карлични мускули кои што низ годините губат на цврстина и со тоа го поттикнуваат процесот на одржување на хормоналниот баланс, особено постпартум. Вежбите на STOTT PILATES методот особено ја истакнуваат женственоста на начин што ниту еден друг тренинг со отпор не би можел. Чувството после пилатес тренинг на Реформер е ревитализирачко и веднаш се чувствува леснотија во движењето. Кај мажите, особено кај професионалните спортисти како дел од нивните тренажни припреми е вклучен тренинг на Реформер со цел подобрување на стабилност и флексибилност на телото.



Спонзорирани линкови

Маркетинг