Нискофреквентни звуци со мистериозно потекло се снимени во стратосферата на Земјата. Тие се снимени со балони на соларна енергија кои лебдат во таа зона на Земјината атмосфера.
Даниел Бауман и неговите колеги од "Sandia National Laboratories" во САД мереле инфразвучни сигнали, односно звуци со толку ниска фреквенција што не се слушаат со човечки уши, користејќи балони на соларна енергија кои лебдат на надморска височина од 20 километри над површината на Земјата, пишува „New Scientist“.
„Кога почнавме да летаме со балони пред многу години, не знаевме што ќе слушнеме. Научивме како да ги препознаваме звуците на експлозии, метеори кои паѓаат, авиони, грмотевици и град. Но, речиси секогаш кога испраќаме балони, наоѓаме звуци што не можеме да ги идентификуваме“, истакнува Бауман.
Американските научници направија балони широки околу 7 метри од тенка пластика. Ги наполниле балоните со јаглен во прав кој се загрева на светло сонце што прави балонот да лета. За разлика од метеоролошките балони, кои се креваат додека не пукнат, овој тип на балон со соларна енергија може да лебди во стратосферата со часови, носејќи инфразвучни сензори на стотици километри. Истражувачите распоредија повеќе од 50 балони во текот на седум години, почнувајќи од 2016 година.
Стратосферата звучи сосема поинаку од површината на Земјата, според анализата на податоците што ги собрале во тој период. На Земјата, инфразвучните сензори собираат сигнали отфрлени од ветровите надолу, но балоните лебделе над тие ветрови и забележале траги од турбуленции во другите делови на атмосферата и инфразвучни звуци од морските бури.
Сепак, Бауман вели дека многу инфразвучни сигнали од стратосферата немале очигледно потекло. Студија поврзана со тие мистериозни звуци во стратосферата беше претставена на 11 мај на состанокот на Акустичкото друштво на Америка во Чикаго.
Бауман вели дека мистериозните сигнали би можеле да бидат поврзани со типови на атмосферски турбуленции кои не се видени досега, но стратосферскиот инфразвук ретко бил проучуван, па затоа е тешко да се направат темелни претпоставки.
Тој додава дека едно од првите истражувања на балон од овој вид бил експеримент на американските воздухопловни сили, со кодно име Проект Могул, кој се обидел да открие инфразвучни сигнали од тестирање на нуклеарно оружје во Советскиот Сојуз во 1940-тите.
Еден од балоните на "Project Mogul" се урна во Розвел, Ново Мексико, откривајќи ја тајната програма на јавноста. Обидот да се прикрие целта на балонот поттикна теории на заговор за НЛО, истакнува Бауман, а повеќето податоци од летовите со балон, кои се случија во 1960-тите, се сметаа за класифицирани.
Бауман сега работи со НАСА за да развие слична технологија за балони за уште помалку истражено место – облаците на Венера. Тој и неговите колеги сакаат да ги приспособат своите балони на соларна енергија за да снимаат инфразвук над површината на Венера, што може да биде корисно за снимање на сеизмичката активност на планетата соседна со Земјата.