Ретроспектива на Манчевски и премиера на „Кајмак“ на Софија филм фест: Манчевски и на чело на меѓународното жири

Точка

17/03/2023

10:20

3.043

Големина на фонт

а а а

„Ретроспектива на целосното творештво е едно од оние специјални задоволства – Гледаш каде ти оди гласот“, изјави славеникот Манчевски.

Интернационалниот филмски фестивал во Софија претставува целосна ретроспектива на творештвото на најтрофејниот македонски режисер, Милчо Манчевски – неговите седум долгометражни филмови и две од краткометражните дела. Ова ќе биде бугарска премиера на неговиот најнов филм, „Кајмак“.

„Ретроспектива на целосното творештво е едно од оние специјални задоволства – гледаш каде ти оди гласот. Го поминуваш животот правејќи уметност, се внесуваш и жртвуваш и убаво ти е; и гледаш дека има луѓе што тоа го следат, твојата уметност ги радува, им значи, им влијае на тоа како размислуваат.“

Милчо Манчевски е еден од ретките македонски режисери кој ја имал честа да бидат организирани десетина меѓународни ретроспективи на неговиот опус досега.

Манчевски ја има и честа да биде претседател на главното жири на 27. Издание на фестивалот, кој се отвори синоќа и ќе трае до 31 март.


„Во последните неколку децении, Софија филм фест ѝ ги претставува на домашната публика делата на Манчевски, кои имаат извонредно влијание, демонстрираат мајсторско чувство за пресоздавање психолошки портрети и стануваат омилени на публиката. Годинава, одлучивме за овој режисер од светски ранг да ги претставиме ретроспективно неговите филмови“, соопшти Фестивалот.

Ќе бидат прикажани „Пред дождот„, „Прашина“, „Сенки“, „Мајки“, „Бикини Мун“, „Врба“, „Кајмак“, „Четврток“ и „Крајот на времето“. Сите филмови се добитници на фестивалски и други меѓународни награди.

Проекцијата на „Кајмак“ е на 18 март, а ќе присуствува и режисерот и дел од актерката екипа.

Манчевски последен пат гостуваше во Софија во 2020 за да го претстави „Врба“, кога доби и специјална награда на фестивалот.

Жирито предводено од Манчевски треба да го избере добитникот на Главната награда на Фестивалот од 12 номинирани филмови, а ќе бидат доделени и награди за најдобар балкански филм, за документарен филм, за бугарски краткометражен филм и за најдобар филм на младински теми. Главно мото на годишното издание на СФФ е „зелената идеја“ за справување со климатските промени и заложбите за зголемување на „белите дробови“ на планетата Земја. СФФ ќе има свои изданија и во Пловдив од 17 март до 2 април, во Варна од 24 март до 2 април и во Бургас од 30 март до 7 април.

На почетокот на месецов, „Кајмак“ ја освои Специјалната награда на жирито во престижната програма Недела на режисерите на фестивалот Фантаспорто во Порто, Португалија, а магазинот „Лаксанте“ го оцени филмот со четири ѕвезди и напиша:

„Манчевски повторно создава моменти на голема емоционална и скулптурална убавина, со прекрасна фотографија која успева да го одржи формалното единство без оглед на тоа дали делува во комичниот или во драмскиот регистар. Резултатот е екстремно хуман и прекрасен филм, ама истовремено и филм што е искрен и сиров. Уште еден пример за големината на кинематографијата на Милчо Манчевски“.


Во исто време „Кајмак“ беше прикажан и на ФЕСТ во Белград, каде сите три проекции беа однапред распорадени, а актерката екипа од филмот, која присустувуваше на премиерата доживеа огромен аплауз.

„Кајмак“ е седми филм на Манчевски, и е црна комедија и критика на малограѓанскиот морал и на илибералните тенденции во општеството. Беше најгледан филм во Македонија во 2022, а светската премиера ја имаше на филмскиот фестивал во Токио.

„Кајмак“ е македонско-данско-холандско-хрватска копродукција во соработка со МРТВ, а поддржана од Еуримаж. Главните улоги ги толкуваат: Сара Климоска, Александар Микиќ, Камка Тоциновски, Симона Спировска, Ана Стојановска, Филип Трајковиќ и Петар Мирчевски. Продуцент е Јане Ќортошев, директор на фотографија Улрик Боел Бенцен, дизајнер Дејвид Манс, монтажер Емил Нунинга, музиката е на Дејниш стринг квартет и Игор Василев-Новоградска, кастингот е на Милка Анчевска, а маската на Марио Микисанти.

Комерцијален текст