Инстаграм приказна на Гонев – Модерниот номад: Вљубеник во природата и традиционалната храна чии видеа ќе ве остават без здив

Точка

22/02/2023

22:22

12.093

Големина на фонт

а а а

Во рубриката Инстаграм приказни денеска ќе се запознаеме со Гонев – Модерниот номад. Според неговите зборови, тој не е професионален готвач, туку само човек кој е заљубен во природата и готвењето во природа! Малку скромна изјава, со оглед на тоа што можеме да го видиме на неговите видеа на социјалните мрежи.

Гонев живее и работи во Радовиш, а тоа што не привлече малку подлабоко да го истражиме неговиот профил на Инстаграм е оригиналноста – неверојатни сцени од македонските убавини, храна од која ќе ви потечат лиги – и сето тоа споено со одлична видеомонтажа.


Тој себеси се гледа како вљубеник во природата и готвењето под отворено небо. Името „The Modern Nomad“ е комбинација на номадскиот начин на приготвување на храна на отворено, со неговиот модерен, набилдан физички изглед.


Причини да му се обратиме имавме многу! Промоцијата на македонските убавини е една од нив. Втората е привлечноста на неговите видеа, кои изгледаат толку професионално, што „палецот не ви дозволува да продолжите со скролање“ пред да ги догледате. И третата, тоа што ни се создава илузија дека можеме да го почувствуваме прекрасниот мирис на неговите јадење, гледајќи ги само преку нашите екрани.


Да го запознаеме Гонев преку шест видеа од неговиот профил на Инстаграм:

1. Фурнаџиски леб, село Смиланци Радовиш

„Во ова видео може да се види колку само било тешко на луѓето во минатото, а исто така и да не заборавеме од каде сме и од каде доаѓаме, да ја негуваме традицијата и убавините на планинските села“.

2. Дупла пица

„Интересно е да се направи ова јадење во услови на многу снег и на минус 10 степени Целзиусови. За мене вистински предизвик, стасувањето на тестото, и печењето под вршник“.

3. Баница со праз, урда и маст

„Баница печена под вршник, сукана, вкусна работа. За печењето под вршник, особено на баница, потребна е контрола на огнот, а исто така можам да кажам ова ме потсетува на еден мирен и спокоен живот. Искрено да кажам алал да им е на луѓето од тоа време, посебно на жените. Тие биле вистински, силни борци. Целата таа процедура во такви услови, исцрпува“.

4. Слатко од капини

„Најпрво капините се набрани од срцето на планината, што им дава посебен вкус. Потоа направив и палачинки, кои во комбинација со слаткото, се прекрасен десерт“.

5. Диви коњи

„Коњите се наоѓаат во планина Плачковица. Кога прв пат отидов на тоа место, тие беа 12, а сега се 24. Тие ја имаат слободата. Таму се раѓаат, таму се хранат, таму умираат. Таа глетка, во таква дивина - не можам да ви ја објаснам.

6. Свинско со праз

„Ова јадење го правеше баба ми. Многу вкусно! Го направив овој рецепт за тие што не го пробале, да вкусат нешто различно. А пак за тие што го пробале да се потсетат. Ова јадење потсетува на убавите топли домови во зима, и сето тоа со еден Македонски кавал во позадина. Тоа е веќе за мерак“.

Гонев можете да го следите на Инстаграм, Јутјуб, Фејсбук и ТикТок.




Спонзорирани линкови

Маркетинг