Европскиот парламент денеска даде конечно одобрување за задолжителна примена на нулта стапка на емисија за нови автомобили и комбија од 2035 година, што значи дека за 12 години повеќе нема да се продаваат нови автомобили на бензин и дизел.
Новите стандарди за емисија на CO2 за автомобили и комбија се дел од законодавниот пакет „Подготви се за 55“, а одлуката е поддржана со 340 гласови за, додека 279 биле против и 21 воздржан.
Уредбата ја поддржале претставници на социјалдемократите, зелените и либералите во Европскиот парламент.

„Оваа уредба поттикнува производство на возила со нулта и ниска емисија. Тие цели пружаат јаснотија во автомобилската индустрија и ги поттикнуваат произведувачите на автомобили за иновации и вложувања. На потрошувачите ќе им биде попристапно да купуваат возила со нулта емисија, а брзо ќе се развива и пазарот за поволни возила. На тој начин одржливиот транспорт ќе им стане достапен на сите“, рекол известувачот од клубот на либералите Јан Хуитем.
Тоа значи дека за 12 години повеќе нема да може да се продаваат нови автомобили со дизел или бензински мотори, туку само нови возила без штетни емисии. Преодните цели за намалување на штетните емисии за 2030 година се 55 проценти за автомобилите и 50 проценти за лесните комерцијални возила.

Во пракса тоа значи дека новите автомобили и комбија на пазарот веќе нема да смеат да емитуваат CO2, но автомобилите со мотори со внатрешно согорување нема да исчезнат од патиштата.
И по 2035-та година граѓаните ќе можат да ги возат своите постоечки автомобили со мотори со внатрешно согорување, па дури и да купуваат половни автомобили на бензин и дизел.
По конечното гласање на пленарната седница на Европскиот парламент, текстот уште треба официјално да го одобри Советот пред објавувањето во Службениот весник на ЕУ.











