Неодамна во Нижни Новгород, Русија, започна производството на кросоверот „Volga K50“ – преименувана копија на моделот „Geely Monjaro“. Во историјата на овој бренд веќе постоел автомобил со слични карактеристики.
На фотографиите што ги гледате е караван со погон на сите тркала „Volga 2477 4WD“, создаден во осумдесеттите години. Денес би го нарекле кросовер, односно автомобил кој комбинира карактеристики на патничко возило и теренец, но тогаш таков термин сè уште не постоел, пишува рускиот портал „Wroom“.
Тогаш, како и во случајот со современата „Volga K50“, била потребна странска помош за да се изработи автомобилот. Караванот „Volga 2477 4WD“ го произведувала италијанската компанија „Martorelli“ по индивидуални нарачки и се нудел исклучиво на тамошниот пазар. Во СССР за ваква верзија на „Volga“ речиси ништо не се знаело.

По што се разликувала оваа италијанска верзија од обичниот караван „GAZ-24-12“? Автомобилот добил предна оска од „Niva“ и систем за погон на сите тркала со редуктор – нешто што дури и современите кросовери ретко го нудат во таква форма.
Под хаубата на караванот останал стандардниот 2.5-литарски бензински мотор, но по желба на купувачот компанијата можела да вгради и „Peugeot“ турбодизел со иста зафатнина.

Колку точно вакви „Volga“ модели со погон на сите тркала биле произведени во Италија не е со сигурност познато, но малку е веројатно дека некој примерок преживеал до денешни денови.








