Семејствата на загинатите кај Ласкарци се сомневаат дека супер вештачењето е за заштита на виновниците

Макфакс

24/11/2022

13:56

940

Големина на фонт

а а а

Со насолзени очи, но и револт, родители и роднини на загинатите во автобуската несреќа кај Ласкарци, по четири години, бараат виновниците да одговараат.

Безброј одложени рочишта, чекање на ново супервештачење, одлговлекување, но и лажни ветувања Дијана Груевска Илиевска за брза завршница. Вака според Благојче Трпевски, родител чиј син загина во несреќата, тече постапката. Во моментов се чека четврто супервештачење кое треба да го изработи Бирото за судски вештачења.

Родителот тврди дека рочиштата се одложуваат, а вештачењето не е ни почнато со изработка.

„Ова супервештачење тврдам дека го работат непрофесионалци, знаеме кои се ангажирани. Сите се сомневаме и плашиме дали ова супервештачење е нарачано за да се заштитат виновниците во овој процес и да се одолговлекува. Тврдам дека вештачењето на Машинскиот факултет изработено за шест недели, го направи професионално. Тврдам дека ова е купување на време“ вели Благојче Трпевски, родител чиј син загина во несреќата.

Судот, според Трпевски барал супервештачења да направат Машинскиот факултет во Битола кој одбил, потоа барал од Штипскиот факултет кои исто така одбиле. Сите посочиле дека вештачењето изработено од Машинскиот факултет во Скопје, Електротехничкиот факултет, Бирото за судска медицина се направени професонално и квалитетно.


Несреќата се случи во 2019 година. Трпевски е згрозен од одолговлекувањето на постапката.

„И по четири години нема никаква судска пресуда. И по 4 години и безброј закажани рочишта, ние како родители и роднини не добивме разрешница. И за денеска имаше рочиште во 10 часот, тоа е откажано. Бараме да се видиме со судијата кој го води предметот, тој не нѐ испочитува. Испратени сме доле кај службите и кажа дека нема денес да има судење. Супервештачењето кое требаше да го направи Бирото за судски вештачења и по една година нема мрднато од мртва точка. Ова е срамота за судството, судијата кој го води предметот, срам за Бирото за судски вештачења. Претходно, Машинскиот факултет истото тоа судско вештачење го направи за само шест недели. Не знам колку време треба да чекаме за оваа постапка заврши, а правдата да ги стигне луѓето кои го направија ова злодело?! Пак ќе повторам, 16 жртви има и многу повредени, повеќе од триесетина, со тешки телесни повреди“, додаде Трпевски зборувајќи во име на сите семејства.

Судијката ветуваше дека се ќе биде брзо, а јас можам да ви кажам дека не е ниту почнато никакво супервештачење на предметот, вели Трпевски. Тој најави: „Можеби ќе бидеме порадикални, поекстремни, ова веќе не е дозволиво, четири години да се води овој предмет со 16 жртви! Како овој суд да носи судски пресуди за многу помали обвиненија, за еден Боки 13 пресудата ја донесе експресно брзо, а за 16 жртви, четири години“.

„Јас би ја прашал судијата, зошто се плаши да се симне и да се соочи со родителите и семејствата на настраданите и повредените? Нема да побегне од правдата. Правдата ќе биде испочитувана и мора да има. Луѓето што убија 16 особи, превозникот ‘Дурмо турс’ и останатите, мора да одговараат. Возачот и останатите, сите пет обвинети. Должност на судот беше во овие четири години беше да пресуди. Барањето за супер вештачење дојде во завршните зборови на судската постапка. Мислам дека ова е недозволиво. Ова покажува дали судот или судијката која го води процесот ги штити обвинетите за оваа тешка сообраќајна незгода. Некои од родителите, од семејствата, веќе починаа. Ние нема да дозволиме оваа постапка да се влече уште долг период. Јас можеби сум возбуден затоа што тлее нервоза. Ќе бидеме во уште поголем број тука, нема ова веќе вака да биде“, додаде тој.



Спонзорирани линкови

Маркетинг