Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, денеска предводеше владина делегација составена од вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи, на Самитот за Берлинскиот процес во Берлин, Германија.
Претседателот на Владата Ковачевски, посочи на значењето на европските интеграции на Северна Македонија, како и на Западен Балкан – и за Европската Унија, што го покажа актуелниот политички контекст со потребата од заеднички пристап во решавањето на безбедносните, енергетските, економските и другите предизвици од глобалната криза, поради војната во Украина. Премиерот Ковачевски, во таа насока се заблагодари на канцеларот Шолц, односно на Сојузна Република Германија за иницијативата Берлински процес, што придонесува во инклузивниот пристап кон овие прашања, како и на претседателката на ЕК, Фон дер Лејен, за фокусот кон проширувањето на ЕУ со државите од Западен Балкан.
Во заклучоците од Самитот, учесниците на Берлинскиот процес ја потврдија важната улога на Берлинскиот процес како двигател на регионалната соработка и забрзувач на процесот на интеграција во ЕУ.
Во насока на заложбите за Заеднички регионален пазар, сите учесници на Самитот го поздравија потпишувањето на Договорот за признавање на високообразовните квалификации во Западен Балкан и Договорот за признавање на професионалните квалификации за доктори по медицина, стоматолози и архитекти врз основа на правилата на ЕУ, коишто значително ја унапредуваат мобилноста на студентите, академиците и професионалци од Западен Балкан. Поздравено е потпишувањето и на Договорот за слобода на движење со лични карти во Западен Балкан, како клучна пресвртница на Заедничкиот регионален пазар и значаен чекор напред кон отстранување на бариерите за мобилност на луѓето во регионот.
Заедничкиот регионален пазар, како што е оценето, останува одлучувачки и сеопфатен процес, за да се постигне економска отпорност на регионот, особено во услови на руската војна против Украина и закрепнување на државите по КОВИД-19, што ќе овозможи понатамошна интеграција на Западен Балкан во единствениот пазар на ЕУ.
Во однос на енергетската безбедност/транзиција, зелената агенда и климатските промени, сите учесници на Самитот се согласија дека енергетската криза и транзицијата кон обновливи енергии може да се управуваат само преку подлабока регионална соработка, дека Европа треба да го преиспита снабдувањето со енергија и околу енергетската безбедност и дека е ова клучно, не само за да се обезбеди прифатлива и сигурна енергија, туку и за борба против климатските промени и намалувањето на загадувањето на животната средина.
За таа цел, лидерите на Западен Балкан усвоија и Заедничка декларација за енергетска безбедност и зелена транзиција во Западен Балкан. Заложбите во неа се значително поддржани со изјави за поддршка и од другите учесници во Берлинскиот процес, особено од Комисијата на ЕУ.
Сите учесници на Самитот се согласни за важноста на безбедносната соработка во рамките на Берлинскиот процес и се обврзаа на продолжување на кохерентен регионален пристап, преку постоечките безбедносни платформи и проекти.
Во однос на други важни прашања, учесниците на Самитот ја поздравија иницијативата на германската Влада за создавање Младински културен фонд на Западен Балкан под администрација на Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO), како вреден придонес за поттикнување на добрососедските односи и меѓусебното разбирање, важни за помирувањето. А, на Самитот е изразена и подготвеност за зајакнување на тековната работа за интеграција на Ромите во областа на домувањето, образованието, вработувањето, зелената и дигиталната агенда.
На работната средба, како и во заклучоците од Самитот е истакната посветеноста на учесниците за продолжување на Берлинскиот процес, со цел да се употреби целосниот потенцијал за подобрена и инклузивна регионална соработка.
Учесниците се согласија следниот Самит на Берлинскиот процес 2023 година да се одржи во Албанија.