[ФОТО] Порција пастрмка од 600 грама - 3720 денари: Сметка од ресторан во Охрид предизвика бурни реакции за цените во екот на сезона

Точка

31/07/2026

13:36

759

Големина на фонт

а а а

Фискална сметка од угостителски објект во Охрид, на која порција пастрмка од 600 грама е наплатена 3720 денари, предизвика бројни реакции на социјалните мрежи и повторно ја отвори дебатата за високите летни цени во овој град.

Сметката ја објави Ѓорѓи Галетановски – Чомбе, поранешен директор на Зоолошката градина во Скопје и долгогодишен член на СДСМ, кој иронично ги коментираше цените во Охрид.

„Ги корегираа цените и одма фул Охрид. Наредно лето ни децава од Скопје нема да ви одат, ќе седат само Холанѓани дедовци и баби“, напиша Галетановски во објавата.


Според фотографијата од фискалната сметка, производот е евидентиран како „пастрмка на охридски начин“. Количината изнесувала 0,6 килограми, а цената била пресметана по 6200 денари за килограм, со што крајниот износ изнесувал 3720 денари. Сметката е издадена на 30 јули 2026 година во 12:59 часот.

Тоа значи дека 100 грама подготвена риба биле наплатени по 620 денари. Цената за порцијата не била однапред фиксна, туку зависела од тежината на избраната риба.


Објавата предизвика низа реакции кај граѓаните, кои повторно ја актуелизираа темата за цените во Охрид во текот на туристичката сезона и нивното влијание врз домашните гости.

Ова не е првпат посетителите да реагираат на високите цени за храна и пијалоци во градот. Според дел од коментарите на социјалните мрежи, пица во централното градско подрачје често се продава по цени над 800 денари, додека кафето во одредени локали може да достигне и до 220 денари.


Дел од граѓаните прават споредби со познати европски туристички дестинации како Дубровник, Монако и Азурниот брег, посочувајќи дека цените во охридските ресторани во некои случаи се приближуваат до оние во познати и поскапи летувалишта.

Дебатата повторно го отвори прашањето дали високите сезонски цени можат да влијаат врз изборот на домашните туристи и идниот развој на туризмот во Охрид.