(Видео) Спасовски сведочеше за Рашковски: Не сум знаел за софтверот, ниту сме разговарале за ова прашање

Макфакс

01/11/2022

12:21

1.970

Големина на фонт

а а а

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски не знаел за набавките на Драги Рашковски, кој пак, купил софтвер за мерење на просечна брзина во сообраќајот, кабини, уреди за биометриска идентификација, камери. Спасовски сведочеше во случајот „Софтвери“, каде првообвинет е ексгенералниот секретар на Владата, Драги Рашковски.

Спасовски сведочеше во случајот „Софтвери“, каде првообвинет е ексгенералниот секретар на Владата, Драги Рашковски. Беше испитуван од Ивана Трајчева, обвинителката која го гони Рашковски заедно со другите лица за кои смета дека се вклучени во набавката, вклучително и фирмата „Инвока груп“ која ги добивала тендерите. Спасовски одговорите ги даваше како министер и технички премиер во периодот на набавката.

„Не сум бил запознаен за ваков софтвер“, рече Спасовски одговарајќи на прашањето дали знаел за набавката на софтверот и додаде: „Не се сеќавам дека сме разговарале за ова прашање“.

Според Спасовски, на владина седница никогаш не било дискутирано за ова прашање.

„Мислам дека не е дискутирано, бидејќи набавките кои ги прави Владата се во надлежност на Генерален секретаријат. Доколку има план за јавни набавки, одлуките ги носи сам“, додаде Спасовски.

Министерот кажа дека изрекувањето на казните и утврдувањето на точна брзина и изрекување на казни е надлежност на МВР по што одговори кратко: „Не“, кога беше прашан од Спасовски дали имало план за имплементација на ваков софтвер.

Спасовски посочи дека се правеле анализи во МВР за да се подобри безбедноста во сообраќајот. Едната опција била и набавка на софтвер.

„Во мандатното писмо од Зоран Заев стоеше да се изврши анализа за подобрување на состојбите во сообраќајот преку надградба на системот. Сме правеле анализи за начинот и модели за надградба на системот ‘Безбеден град’ кој егзистира, надградбата да биде и во делот на сообраќајот. Една од опциите е да се набави нов софтвер, втора опција да се изврши надградба на системот“, додаде Спасовски.

Обвинителката Трајчева се интересираше и дали се дискутирало Владата да ја презеде надлежноста од МВР за изрекување на казни, на што министерот рече дека тоа не е задача на оваа институција.

Во одговори на прашањата на обвинителката, Спасовски кажа дека не знаел ниту дека е набавен систем за биометриска идентификација.

За набавката на камери за софтверот за просечна брзина и кабини за софтверот и системот за биометриска идентификација, Спасовски рече: „Не сум бил запознаен“.

Одбраната на Рашковски: Се согласуваме со сведочењето на Спасовски, софтверот е набавен за потребите на Владата, а не на МВР

Од денешното рочиште каде сведочеше министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски може да се заклучи дека се што тврди одбрана за набавката на софтверот е исто со тврдењата од самиот почеток – дека набавката е со одлука на Генералниот секретаријат при Владата, велат од одбраната на Драги Рашковски.

Нагласуваат дека целосно се согласуваат како одбрана со сведочењето на министерот Спасовски.


„Точно е дека софтверот никогаш не беше нарачан од Министерството за внатрешни работи, туку од страна на Владата на Република Северна Македонија. Како што истакнавме, во декември во 2019 година донесена е одлука на Влада за набавка на денес спорниот софтвер. Тоа значи дека овој софтвер е набавен на барање, со одлука и за потребите на Владата. По набавката направен е и документ за технички прием што, исто така ја потврдува легитимноста на постапката и следењето на процедурите. Законитоста на набавката е поткрепена со сите документи, одлуки, дописи, технички прием“, наведува одбраната.

Додаваат дека со помош на софтверот вршени се соодветни анализи, кои резултати постојат на серверите на Владата.

Набавката, како што велат од одбраната на Рашковски, е донесена во целосно законска процедура, од надлежен орган и е единствениот документ врз кој може да се спроведе јавна набавка. Одлуката е донесена од Генералниот секретаријат согласно со планот за јавни набавките, а врз основа на донесените одлуки согласно законите.

„За ова постои и допис од Владата до Државното правобранителство каде се вели дека „донесените одлуки за набавка се во целост со овие законски одредби, односно Генералниот секретар е тој кој носи одлуки за јавни набавки“. Од одбраната е побарано целата набавена опрема да се донесе во судницата за да се види дека постои и дека е исправна и функционална“, се наведува во реакцијата.