Како поместувањето на стрелките од часовникот викендов може да влијае на нашето здравје? Потребно е навикнување...

Точка

27/10/2022

17:42

9.878

Големина на фонт

а а а

Ноќта меѓу сабота и недела ќе ги вратиме стрелките на часовниците наназад (1 час), што означува крај на летното сметање на времето.

Ова враќање на стрелките од часовникот се изедначува со дополнителен еден час сон, меѓутоа, ресетирањето не е толку лесно за нашите внатрешни часовници, поточно циркадијалниот ритам.

Оваа пракса на поместување на стрелките на часовникот нанапред напролет, а потоа наназад на стандардно време во текот на есента, првобитно било замислено за да ја оптимизира природната дневна светлина и задржано е до денес.

Здравјето и поместување на стрелките од часовникот


Создавањето десинхронизација на нашите телесни часовници двапати годишно е поврзано со зголемени здравствени ризици, како што се депресија, гојазност, срцеви удари, па дури и настанување сообраќајни несреќи. Би можело да се каже дека дополнителен час ќе ни значи подолго да спиеме, меѓутоа сепак има влијание на психичкото и физичкото здравје.

Поместувањето на времето може да ги „измести“ нашите телесни часовници од вообичаениот ритам.

Поместувањето на стрелките на часовникот наназад влијае на циркадијалните ритми на телото - физички, ментални како и промени во однесувањето.

Нашето тело очекува одредени работи да се случат во одредено време во текот на денот (како на пример будење, спиење и јадење) врз основа на сончевите сигнали и тоа што ги правите тие работи одново и одново во исто време секој ден.

Кога ќе ја смените таа рутина, па дури и за еден час, вашите циркадијални ритми благо се поништуваат. Поточно, циркадијалните ритми стануваат благо неусогласени во однос на времето на часовникот, што може да го исфрли времето од неколку дневни процеси кои се случуваат во телото (како што се сон, варење на храната и кардиоваскуларни функции).

Лошо расположение и депресија


Во текот на есента и зимата многу од луѓето вообичаено цел ден поминуваат во затворени простории на работа, во училиште или дома.

Додека ги извршуваме активностите веќе е мрак. Тоа значи дека се намалува изложеноста на сонце, што ја намалува и количината на витамин Д којшто нашето тело го произведува.

Ниското ниво на витамин Д поврзано е со лошо расположение и депресија, како и со умор, болки во мускулите и ослабнување на коските. Нарушувањето на спиењето исто така може да предизвика зголемен ризик од ментални болести. Губење на еден час вечерна светлина може значително да влијае на нашето расположение.

Недостатокот на сончева светлина го потиснува произведувањето на два важни хормони – мелатонин којшто предизвикува сон и сератонин којшто игра клучна улога во рамнотежата на расположението.

Со други зборови, поголема е веројатноста дека ќе бидеме мрзеливи и уморни во деновите после летното сметање на времето, додека не се навикнеме.