Консумирањето здрава и разновидна храна особено е важно за време на бременоста бидејќи соодветните хранливите материи помагаат во правилниот развој и раст на фетусот. Освен што го поддржува развојот на детето, зголемениот внес на витамини и минерали може и да ѝ помогне на трудницата да го одржи сопственото тело во што подобра состојба.
Како што пренесува „MedicalNewsToday“, консумирањето многу свежо овошје во текот на бременоста може да обезбеди мајката и бебето да останат здрави. Овошјето е преполно со есенцијални хранливи материи, како што се влакна, витамини и минерали, кои можат да го зајакнат имунитетот, да ја подобрат дигестијата и да обезбедат бројни други придобивки.
Колку овошје треба да се консумира во текот на бременоста?
На бремените жени им се препорачува да јадат најмалку пет порции свежо овошје и зеленчук дневно и да вклучат што повеќе разновидност во исхраната. Овошјето може да биде свежо, конзервирано, замрзнато или исушено. Една порција може да биде еден цел плод, доколку е поголем од тениско топче или една чаша исечкано овошје.
Консумирањето на доволни количини на овошје и зеленчук во текот на бременоста им обезбедува на трудниците соодветни хранливи материи за здрав развој на бебето, а исто така го намалува ризикот од одредени болести и дефекти и помага во одржување на здравјето на организмот на трудницата.
Банани
Бананите се вкусно овошје богато со калиум, витамини Ц и Б6 и растителни влакна. Калиумот е минерал кој помага во спречување на грчеви и одржување на стабилен крвен притисок, изјавија експертите за „HealthShots“. Ова популарно овошје е богато со влакна, кои можат да ја подобрат дигестијата и да го спречат запекот, два вообичаени проблеми за време на бременоста.
Високата содржина на влакна може да помогне при запек поврзан со бременоста, а постојат докази дека витаминот Б6 може да го ублажи гадењето и повраќањето во раната бременост.
Јаболка
Јаболката се богати со витамини и влакна, кои го зајакнуваат имунитетот на трудниците. Тие исто така помагаат во регулирање на нивото на шеќер во крвта и ја поддржуваат дигестијата, одржувајќи ве сити подолго време. Како што пишува „MedicalNewsToday“, една студија покажала дека јадењето јаболка за време на бременоста може да ја намали веројатноста детето да развие астма и алергии подоцна во животот.
Поточно, бремените жени кои често консумираат јаболка, исто така, добиваат хранливи материи за раст на фетусот, вклучувајќи витамини А и Ц, влакна и калиум.
Киви
Диететичарите го истакнуваат кивито како уште една добра опција за јадење за време на бременоста. Ова здраво овошје е богато со витамин Ц, кој го поддржува имунолошкиот систем и му помага на телото да го апсорбира железото. Содржи и растителни влакна, кои помагаат во одржување на здравата дигестија и го намалуваат ризикот од запек.
Портокали
Портокалите се одличен извор на витамин Ц, кој го зајакнува имунолошкиот систем и го промовира здравјето на кожата. Бидејќи витаминот Ц е антиоксиданс, може да ве заштити од оштетување предизвикано од слободните радикали. Тие се одличен извор на фолати, витамин Ц и вода.
Портокалите помагаат да се одржи хидратацијата и целокупното здравје. Витаминот Ц може да спречи оштетување на клетките и да ја подобри апсорпцијата на железо.
Фолната киселина може да помогне во спречување на дефекти на невралната туба, што може да предизвика абнормалности на мозокот и ’рбетниот мозок на бебето. Овие дефекти вклучуваат спина бифида, во која ’рбетниот мозок не се развива правилно и аненцефалија, во која недостасува голем дел од мозокот и черепот.
Кајсии
Кајсиите се богати со витамин А, кој е важен за видот и здравјето на кожата. Ова вкусно и слатко овошје содржи железо, кое помага во спречување на анемија и го поддржува здравото производство на црвени крвни зрнца.
Тие содржат витамини А, Ц и Е, калциум, железо, калиум, бета-каротен, фосфор и силициум. Кајсиите се сметаат за едно од најдобрите овошја кое трудниците треба да го консумираат, пишува „MedicalNewsToday“. Сите овие хранливи материи помагаат во развојот и растот на бебето. Железото ја спречува анемијата, додека калциумот ги зајакнува коските и забите.
Круши
Крушите се овошје богато со растителни влакна, калиум и фолна киселина, а добро е да се јадат за време на бременоста. Исхраната богата со влакна за време на бременоста може да го олесни запекот, што е вообичаен симптом на бременоста. Калиумот го поддржува здравјето на срцето и кај мајката и кај детето и ја промовира регенерацијата на клетките.
Бобинки
Бобинките се добри и пожелни да се јадат секојдневно, па затоа не е чудно што се особено здрави за трудниците. Овие овошја, кои вклучуваат боровинки, капини, малини, јагоди и слично, се добар извор на здрави јаглехидрати, антиоксиданти и влакна. Тие содржат и многу вода, што ги прави одличен избор за хидратација. Витаминот Ц помага во апсорпцијата на железото и го зајакнува имунолошкиот систем.